МХК: Во 2016 најголем пораст кај политички мотивираните злосторства од омраза во Македонија

70 злосторства од омраза биле регистрирани минатата година, што е пораст од 60 проценти во бројот на инциденти од 2015 година, се наведува во годишниот извештај за криминалот од омраза за 2016 година, на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (МХК).

Најголемата промена има кај политичката определба или убедување како мотиви при извршување на злосторство од омраза. Додека во 2015 година биле регистрирани 5 вакви инциденти, лани имало 21 ваков вид случаи, односно пораст од 320%.

Најголем број од инцидентите се случиле во ноември, февруари и март. Според Хелсиншкиот комитет причината за наглото зголемување во тие месеци е политичката криза придружена со ескалирачки нивоа на говор на омраза и одложените предвремени избори за 2016 година, што конечно се одржаа во декември.

Во извештајот се наведува дека политичките партии често користат говор на омраза за време на јавни дебати и во текот на предизборните кампањи, што доведува до извршување на злосторства од омраза од страна на нивните поддржувачи.

Најголем дел од злосторствата биле извршени од млади луѓе, вандали и ограбувачи. Инцидентите најчесто резултирале со телесни повреди, оштетување на имот или загрозување на безбедноста.

Најмногу од инцидентите се случиле во Градот Скопје, но исто така и по паневропскиот
коридор 10, во близина на автопатот, по кој бегалците и мигрантите се движат на својот пат до Европската Унија.

По намалувањето на бројот на инциденти помеѓу членови на македонската и албанската етничка заедница во 2015 година, бројот на ваквите инциденти во 2016 година е повторно во пораст и биле регистрирани 34 вакви инциденти. Од МХК посочуваат дека некои злосторства од омраза се извршени како одмазда или казна за претходни инциденти и од страна на македонските и од страна на албанските младинци.

Уште една драстична разлика помеѓу 2013 и 2014 година, во споредба со 2015 и 2016 година е тоа што претходниве две години не бил регистриран ниту еден инцидент на злосторство на омраза поради сексуалната ориентација/родов идентитет на жртвата.

„Сепак, ова не мора да значи дека општеството станало потолерантно кон ЛГБТ-заедницата. Тука мора да се додаде дека државните власти потфрлија соодветно да ги истражат инцидентите во 2013 и 2014 година, а полицијата не успеа да уапси голем дел од сторителите. Неуспехот на државата да ги заштити жртвите, одбивањето на Парламентот да ја вклучи сексуалната ориентација како основа за можна дискриминација и злосторства од омраза, како и плановите на Владата од 2015 година уставно да го дефинира бракот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена, имаат негативен ефект врз луѓето од ЛГБТ-заедницата кои можеби стравуваат да ги пријават злосторите сторени врз нив“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Во споредба со инцидентите регистрирани во 2013 и 2014 година, најголемата промена во 2015 и 2016 е по однос на жртвите, од кои голем број се мигранти и бегалци. 11 од 70-те инциденти во 2016 година вклучувале напад и ограбување на бегалци и мигранти во текот на нивното транзитирање низ земјата.

За секој од регистрираните инциденти, од МХК испратиле барање до Министерството за внатрешни работи за статусот на случајот од каде обезбедиле информации за 65 од 70-те инциденти. Осомничените сторители биле лоцирани од полицијата во 18 од случаите, 29 од инцидентите биле под истрага, а за 8 од инцидентите регистрирани од МХК во МВР не биле свесни. Поднесени биле кривични пријави против сторителите на 13 инциденти, од кои 2 против непознати сторители. Прекршочни пријави биле поднесени против сторителите на 7 инциденти.

Во заклучоците на извештајот се наведува дека државата ги направи првите чекори во собирањето податоци за делата од омраза, иако собраните податоци не се достапни на јавноста и не е јасно дали властите ја разбираат разликата помеѓу говор на омраза и злосторство од омраза. Злосторствата мотивирани од пристрасност сè уште соодветно не се пријавуваат и истражуваат од полицијата, додека многу малку напори се вложуваат во превентивни мерки, вклучувајќи едукација за човековите права и подигнување на јавната свест.

Целосниот извештај, со детали за сите поединечни случаи на злосторства од омраза, може да го прочитате ОВДЕ на македонски, албански и англиски јазик.