„Мисли на глас“: За перспектива на младите во Македонија треба финансиска независност и промена на менталитетот

„Македонија е еден од лидерите во младинска невработеност во Европа. И кога имаш презаситеност со невработени луѓе тоа тебе те прави многу евтин и ти го прави твојот живот многу мизерен. Можеш лесно да изгубиш работа и лесно да бидеш заменет. Ако создадеме работни места, за почеток колку луѓето да станат финансиски независни, ќе направиме чекор напред кон подобрување на условите за живот во државава“, рече Стефан Алексиќ на дискусијата „Мисли на глас“ на Радио МОФ во која се зборуваше за перспективите на младите во Македонија.

Алексиќ, кој се врати да работи во Македонија откако пред две години замина на постдипломски студии во Шведска, објасни дека токму раното стекнување финансиска независност ги ослободува младите во поразвиените држави да размислуваат за идеи и надвор од образованието од кои се раѓаат успешни компании и старт ап бизниси.

Освен образованието и решавањето на младинската невработеност потребен е фокус и на промена на менталитетот, смета Александра Филипова од Националниот младински совет на Македонија, која посочи и дека на младите многу влијае опкружувањето во кое живеат, комуникацијата и културниот живот.

„Во минатото се случуваше да се креираат мерки за најразлични проблеми поврзани со младите, меѓутоа кога ќе пробаш сите да ги имплементираш одеднаш и кога младите ќе ги впуштиш во сите од нив, тогаш ниту можеш да мериш резултати, ниту да определиш доволен буџет, а младите и компаниите се збунети и неинформирани за постоењето на мерките. Би требало да одиме чекор по чекор, за да можеме и да следиме и да мериме каде одат младите луѓе и дали ги решаваме проблемите или треба да го смениме пристапот“, истакна Филипова.

Петар Ниновски од платформата за курсеви за практични вештини „Брејнстер“ објасни дека сите работи кои му користеле во работата, ги научил после факултет. Тој забележува и дека атрактивноста на државните вработувања кај младите се намалува во последниот период.

„Работите последниве години се менуваат, барем од оние студенти кои доаѓаат на академиите кај нас. 10 до 15 проценти од нив се луѓе кои во моментов работат во државни институции и сакаат да си заминат од таму. Така што, тоа веќе не е толку популарно, она што најверојатно го кажуваат повозрасните, родителите – „најди си државна работа“, веќе тоа не функционира бидејќи и таа државна работа не е сјајна и знаеме дека платите таму не се премногу добри“, изјави Ниновски.

На младите претприемачи најпотребна им е финансиска инјекција објаснува Весна Иваноска од Сиувус едукативниот и развоен центар, која потенцира дека токму таквите инвестиции можат да направат вистинска промена.

„Образованието треба да престане да зборува за реформи, туку за флексибилност на образованието. Реформите одземаат време, а начинот на кој се движи технологијата и пазарот бара многу интер-дисциплинарни и функционални вештини и тоа е она што ние секојдневно го правиме. Дури и кај нас, во неформалното образование, е тешко да фатите чекор со трендот“, рече Иваноска.

Ова беше втора од серијалот веб-дискусии „Мисли на глас“, посветени на младите, и е направена во рамки на акцијата „Зачекори напред“.

Даниел Евросимоски