Мисијата на ОБСЕ во Скопје почна медиумска кампања за безбедни училишта

Промоција на позитивни вредности и ненасилно однесување меѓу учениците е целта на медиумската кампања „Кажи не на насилството!“ што денеска беше промовирана во Скопје.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје почна медиумска кампања за безбедни училишта

За кампањата, која ја реализира мисијата на ОБСЕ во Скопје снимени се два видео спота кои треба да ја пренесат пораката за ненасилство.

Спотовите, како што соопшти мисијата на ОБСЕ, ќе бидат емитувани на националните и локалните ТВ станици, поставени на веб страницата на ОБСЕ, на „Јутјуб“ каналот, на веб страниците на релевантните институции и училиштата, како и на социјалните мрежи.

Насилството во училиштата, според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет, е сериозна закана за безбедноста на наставниците и учениците, но и на останатите членови на заедницата.

– Овој вид насилство е сложен феномен, и очигледно е дека индивидуалните напори на вработените во училиштата нема да бидат доволни да се одговори на ваквиот неприфатлив тренд. Наместо тоа, потребен е сеопфатен пристап помеѓу институциите, кој ќе помогне за ефикасно решавање на проблемот, вели Брет.

Кампањата „Кажи не на насилството“ е дел од проектот „Безбедни училишта – хармонична средина“.

Проектот се спроведува во 51 средно училиште, во соработка со министерствата за внатрешни работи, за образование и наука и локалните власти во Скопје, Тетово, Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Битола, Прилеп и Македонски Брод.