„Министерство за (не)култура“ – реакции на културните работници по резултатите од годишниот конкурс

„Министерство за (не)култура“, „кутрото сираче – книжевноста за деца“, ова се само дел од реакциите кои осамнаа на социјалните мрежи откако вчера беа објавени резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година. На критиките кон Министерството за култура се вклучија културните работници од скоро сите сектори, кои на социјалните мрежи јавно ги објавија своите обраќања.

Скопје нема поетски фестивал

Авторката Јулијана Величковска, која истовремено раководи и со издавачката куќа „ПНВ“ публикации, го сподели и својот дел од идејата за скопски поетски фестивал.

„Веќе долги години носам во себе една мисла, една визија и чувствувам силна потреба од постоењето на интернационален поетски фестивал овде, во Скопје, во главниот град. Наспроти наводните напори на Министерството за култура за деметрополизација на културата (за што сум зборувала и би можела уште да зборувам во друга прилика), овој пат се работи за проект што треба и мора на својата културна мапа да го има еден главен град на една земја со издржана и квалитетна културна стратегија“, започнува Величковска.

Таа објаснува дека зад идејата стоеле таа и Ѓоко Здравески, а на тимот подоцна се придружиле и поетите  Ана Голејшка-Џикова, Биљана Стојановска, Ива Дамјановски, Снежана Стојчевска, Владимир Мартиновски, а поддршка за реализацијата добиле и од Младинскиот културен центар.

„Сакавме нашиот фестивал да биде забавен и поинаков, поезијата, музиката и визуелното не само да се инспирираат меѓу себе, туку и директно да се поврзат на самата сцена, така што понудивме настани како: Стихофренија  ̶  читање своја поезија комбинирана со туѓа поезија, проза или мултимедијално претставување (настап на десетина македонски поети и гостите од странство)“, продолжува Величковска.

Таа се надоврзува дека тридневниот скопски поетски фестивал би вклучувал најразлични активности – „Друштво на мртвите поети“, односно тематска вечер во чест на битовата поезија придружено со џез музика, интернационално поетско читање, поетски саем на книгата, изложба на постери и цртежи, но и работилница за креативно пишување на поезија со домашни и странски професори.

Величковска потенцира дека со оваа идеја аплицирале и на минатогодишниот конкурс од Министерството за култура, но поради рокот не успеале да срочат прецизна и издржана програма, па одбивањето на идејата не била јавно истакнато.

„Овој пат програмата и апликацијата беа изработени со многу внимание, прецизно и јасно, имајќи го секој детаљ предвид, но стручната комисија одлучила (од за нас уште непознати причини) дека овој проект според нивните критериуми не заслужува поддршка (дури ни минимална).Буџетот беше внимателно изработен, со минимални трошоци да се покрие тридневниот фестивал на кој требаше да учествуваат 15-ина поети, најмалку 5 ликовни уметници, шестмина музичари, продажни лица за саемот на книгата, трошоци за подготовка на рекламните материјали, печатење на уметничките дела и уредување на ликовната изложба, видеопроекции (куси поетски филмови), патни трошоци, трошоци за сместување и оброци за гостите од странство“, вели Величковска.

Таа истакна дека идејата за поетски фестивал сепак ќе се одржи, но со изменета програма, благодарение на скромната поддршка која организаторите ја добиле од Град Скопје и МКЦ.

„Ако сакаме да ја сочуваме културата, пред сѐ мора да умееме да ја препознаеме, а потоа и соодветно да ја поддржуваме, и ова не се однесува само на институциите, туку на секој еден од нас“, одлучна е Величковска.

И поетот Ѓоко Здравески, еден од организаторите на поетските вечери „Астални проекции“, го сподели разочарувањето од резултатите на конкурсот.

„Кога ги завршивме Асталните проекции, со Ана си рековме дека сакаме некогаш да правиме фестивал, бидејќи Скопје е главен град без фестивал за поезија. И еден ден се појави Јуле кај мене на работа – тогаш работев во библиотеката на Катедрата за македонски јазик – и ми кажа дека и таа сака да прави поетски фестивал во Скопје – бидејќи Скопје е главен град без фестивал за поезија – и дека бара верна дружина. И си најде Јуле верна дружина“, пишува Здравески.

Кутрото сираче – книжевноста за деца

Македонската писателка за деца, Билјана Црвенковска, која истовремено раководи и со издавачката куќа „Чудна шума“, јавно реагираше на, според неа, несоодветно вреднуваните услови за финансирање на книжевност за деца.

Таа своето обраќање го започнува со приоритетот на книжевноста за деца во склоп на нацртот за националната стратегија за култура, тогаш предводена од поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.

„Прашањето се однесуваше на една точка во стратегијата – приоритет на книжевноста за деца. Прашав на што се однесува таа точка и што точно подразбира зборот „приоритет“? Дали се однесува на квантитет или на квалитет, оти е сосема различно. Дали конечно ќе почне да се препознава добрата книжевност за деца и колку таа чини да се создаде. Со ова второво мислам на конкретни средства да се финансираат хонорари за двајца подеднакво вредни автори (авторот на идејата и текстот и авторот на илустрациите), да се плати печатење на книгата кое обично чини двојно одошто да испечатиш роман од 250 страници (или дури три пати повеќе одошто да испечатиш збирка поезија). Каде е тука дизајнерот (мора да го има), а дизајнот не подразбира само обично редење текст. Тогаш верувам дека некои од присутните (и од колегите, и од министерството) ме разбраа што прашувам и се согласија со мене“, започнува Црвенковска.

Според неа, и покрај тоа што годинешните резултати од конкурсот на Министерството за култура покажуваат дека книжевноста за деца е доволно застапена, таа повторно не е вреднувана на соодветен начин. Таа се надоврзува дека книжевноста за деца е издвоена од останатите книжевни дела, како кутро сираче, дополнувајќи дека имаме само една награда за книжевност за деца, тоа е Ванчо Николески, а немаме воопшто никакво вреднување за трудот на илустраторите.

„Средствата кои се доделувани за книгите за деца се двојно помали одошто оние за роман или за збирка поезија. Од доделените средства (речиси идентични кај сите издавачи) не се прави разлика помеѓу форматот и спецификацијата на книгата (исти средства добиле книги со тврд и мек повез, со 40 и 80 страници во боја), помеѓу тоа дали авторот и илустраторот се веќе искусни во областа, и секако, дали темата која ја обработуваат и самиот текст имаат посериозна книжевна вредност и се дефицитарни како тип на литература или пак се (да цитирам еден пријател) уште една приказна за кокошките на баба во дворот. Прашањето е какви книги се одобрени (а какви не, оти знам за неколку одлични, оригинални изданија – не само во Чудна шума, туку и кај други издавачи – што не се најдоа на листата), како се вреднувани и зошто се сите вреднувани речиси исто. Зошто и понатаму книжевноста за деца е кутрата Пепелашка оставена настрана“, прашува писателката во своето јавно обраќање.

Бесилка за домашните уметници

Режисерката Ирена Стеријовска, реагираше поради државното поддржување на странски режисери, во време кога домашните уметници едвај сврзуваат крај со крај.

„Во време кога културата е на најниско можно ниво и со продукција и со ресурси, кога уметниците едвај преживуваат и стално се за една ортома пократки за да врзат крај со крај, комисијата за драмска дејност со амин од министерство за култура одлучува да поддржи странски поточно бугарски режисери. Тоа е таа грижа за “своите”. Уживајте дечки и онаа мала “врвка” што ја имаме за друго ќе ја користиме, се надевам дека ќе не издржи“, истакнува Стеријовска.

Интердисциплинарно одбивање

Во секторот за драмски уметност, реакции дојдоа и од Иванка Апостолова, раководителка и програмски продуцент на Македонскиот центар на Интернационален театарски институт „Продукција“.

„Од 2018 до 2020 поточно откако е воведен овој сектор нашите проекти се поддржани во континуитет, веќе не аплицираме на Одделот за драмска дејност бидејќи нашите проекти упорно се одбивани (без образложение) од/на овој оддел, од 2013 година наваму, затоа успешно но со скромна поддршка, без 2021 г. нашите проекти беа поддржувани од страна на Одделот за интердисциплинарни проекти“, вели Апостолова.

Таа вели дека оваа година аплицирале за годишна меѓународна членарина на Одделот за меѓународна соработка, кој континуирано ја покривал нивната членарина.

„Од 2020 година јас сум само вработена во култура, со поддршка од Министерството за култура. Значи дека егзистирам само од овие проекти, покрај прецизното реализирање и видливост на секој одобрен проект – проектна активност на одобрениот проект. Бидејќи официјалните писмени известувања со задоцнување ќе пристигнат, за натамошно спроведување на приговор од наша страна, ќе бидам многу благодарна да ми објасните што недостасуваше во нашиот проект – содржински и документациски (апропо критериумите на Министерството за бодување, проценка, континуитет, квалитет, техничките критериуми“, објаснува Апостолова.

Министерство за (не)култура

Незадоволство од резултатите на конкурсот од Минитерството за култура пристигнаа и од аматерската театарска група од Охрид „Аматер“.

„Нашето здружение НАТГ „Аматер“ аплицира во Интердисциплинарна дејност со проектот Културолошка иницијатива 5 до 12 – Охрид за својата трета година со ред, летна програма подготвена веднаш по завршување на второто културно-забавно лето 5 до 12, септември 2020-та. Одбиено! Образложение ќе си почекаме, бидејќи пешки доаѓа, ама обично образложението е многу апсурдно и неконкретно насочено што и како  треба да се поправи во иднина. Сме биле досега сите години при аплицирање  одбивани од Министерство за култура, дали било за 30.000 денари или повеќе не е важно, некогаш сме добиле образложение, некогаш не“, вели Јован Цветкоски, член на „Аматер“.

Тој вели дека поучени од претходно, апликацијата ја направиле внимателно и детално, со сите описи, буџети и мотивации, број на влучени лица, пред-договори и дозволи за користење на локации од Општина Охрид.

„Летно отворено кино, кое првпат ќе се одржува оваа година во еден од градовите, има земено неколку стотици илјади денари, само за тој настан годинава, еден настан! А, ние што лани направивме во Охрид тридневно кино, а при тоа направивме и 10 други настани во месец и пол, и преку година еден куп акции и цело време сме активни и правиме настани по протоколи во време на пандемија, не добиваме ни скршен денар, тешка 0! А, 2021 година се планирани се’ на се’ 15 настани меѓу кои повторно тридневно летно кино со автомобили, во рок од 2 месеци“, потенцира Цветкоски.

Од Министерството за култура, за критиките упатени кон нив велат дека се неосновани.

„Министерството за култура останува доследно на ставот дека основни критериуми според кои работеа комисиите одлучувајќи по пријавите за Годишниот конкурс беа: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, како и реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот“, велат од институцијата.