Министерство за култура: Постапуваме по укажувањата за неправилности во МНТ

Откако режисерот Александар Поповски соопшти за оставката од местото претседател на Управниот одбор на МНТ, и реагираше на низа нејаснотии и неправилности, со свој став се јави и Министерството за култура.

Од таму му се заблагодаруваат на Поповски дека со функцијата вложил напори за унапредување на работата на МНТ, а се заложил и за обезбедување квалитет на драмскиот дел од програмата на Охридско лето, како нејзин селектор.

„Министерството за култура ќе ја продолжи соработката со Поповски, а ќе води грижа и натаму да ги ангажира авторитетите во културата, истакнатите уметници и дејци, со цел за подобрување на состојбите во оваа област. Воедно, Министерството за култура информира дека веднаш ќе пристапи кон консултации за именување на нов член на Управниот одбор на Н.У Македонски народен театар во согласност со законските процедури ќе ја извести навремено јавноста“, стои во соопштението на министерството.

Исто така, тврдат дека веќе постапуваат по укажувањата за неправилности од МНТ и ќе ги земат во предвид и денешните укажувања на Поповски.

„Министерството за култура ја следи состојбата во МНТ и ќе соработува интензивно како и досега со сите институции, во чии надлежности се посочените проблеми“, соопштува министерство за култура.