Министерство за култура: Иванова и Управниот одбор се разрешени поради неправилности при раководењето на Филхармонија

Министерството за култура соопштува дека министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донела одлука за разрешување на директорката на Филхармоноија, Тина Иванова, откако бил извршен увид од Комисија од министерството и биле констатирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето со институцијата.

„Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија“, велат од министерството.

Од таму тврдат дека одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор.

„Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија. Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија. Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата“, се вели во соопштението на министерството.

За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.

Министерството за култура ги отфрла, како што велат, сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, како целосно произволни, неточни и невистинити.

„Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и, како врвна национална установа, мора да биде водена професионално“, соопштува министерството.

Инаку, досегашната директорка Иванова денеска се појави со јавно писмо, реакција дека била разрешена бидејќи застанала на страната на колективот и на страната на институцијата. Исто така, тврди таа, постојано и’ биле праќани трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерство за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерсвото за култура, кои станале редовни посетители во нивната институција.

„Се праќаа дури и по неколку пати за да ‘копаат’ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност. Патем, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста. Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег“, рече Иванова.

Иванова: Немаат храброст да кажат дека ме разрешуваат како директорка на Филхармонија поради непослушност