Министерот Спасовски: Немаше случај на приведување, лицата биле легитимирани

„Во врска со објавите на социјалните медиуми за приведување на лица кои протестирале денеска, сакам да инфoрмирам дека немаше случај на приведување“, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки преку својот Фејсбук-профил.

Според министерот Спасовски, лицата биле легитимирани.

„Истовремено сакам да ве информирам дека ќе бидат проверени сите информации за евентуална употреба на сила врз граѓаните кои протестирале. Детално ќе се испита случајот и ќе има соодветна информација за јавноста“, вели Спасовски.

Претходно од партијата Левица рекоа дека полицијата потпомогната од АРМ насилно задржала четворица демонстранти и ги спречила слободно да се движат.

„Другарите само се обидоа да истакнат транспарент и мирно да изразат незадоволство против дефилето на американската војска на плоштад, без притоа да бидат насилни!“, соопштија од Левица.

Инцидентот се случи попладнево откако претходно во центарот на Скопје беше најавена презентација на воена опрема на САД и на АРМ.