Медиумите „Мета“, „Порталб“ и „Вистиномер“ (изданија на Фондација Метаморфозис) се годинешните добитници на наградата за Медиум промотор на новинарството како јавно добро – „Роберто Беличанец“.
Наградата ја доделува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Според извештајот на комисијата за одлуката решавале нијанси, а победникот го издвоиле следните карактеристики: објавување на теми од јавен интерес, активна борба против дезинформации, промоција на новинарството како јавно добро преку објавување содржини за новинарските и медиумските состојби и за слободата на изразување, користење на онлајн алатки, графички прикази, видеа и слично за дополнително објаснување на читатели, како и фактот дека медиумските производи се објавуваат на повеќе јазици.
Годишна награда „Роберто Беличанец“ ја воспостави ССНМ во 2018 година, со надеж дека ќе им дава поттик како на медиумите во Македонија, така и на новинарите при својата работа исклучиво да се водат според професионалните стандарди и јавниот интерес, но и на сопствениците на медиуми да го третираат новинарството како јавно добро, а не само како споредна работа во медиумскиот бизнис.
„Замислата беше и останува номинациите да доаѓаат од самите новинари и медимски работници, а предвид се земаат следниве критериуми: континуирано чувство за општествена одговорност и третирање на новинарството како јавно добро, односно залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари и постојано третирање на теми од јавен интерес, како и коректен однос кон вработените т.е. почитување на работничките и професионалните права на вработените“, соопштува ССНМ.
Наградата е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – справување со лажни вести“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван во партнерство со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Медиа дајверзити институтот.
Во склоп на настанот, претходеше и дискусија „Како до медиуми кои новинарството го третираат како јавно добро“.
Настанот е дел и од Денови на медиумска писменост организирани од Мрежата за медиумска писменост.