„Мене не ми е Валентин“, дискусија за романтичната љубов и претставувањето на „женските улоги“ во медиумите

Во среда, 15 февруари, од 13 до 15 часот во Јавна соба, ќе се одржи настанот „Мене не ми е Валентин“. По подолго време, организацијата Бори се женски заедно со UN Women и поддршка на Friedrich-Ebert-организира настан, чија цел е критички да го преиспита значењето на романтичната љубов, а директен повод е 14 февруари, Ст. Валентин, празникот на вљубените.

Со години, пишуваат организаторите, митот за романтичната љубов (по можност крунисана со брак), преставувана како едно од најголемите достигнувања во животот и како суштински показател за степенот на „реализираност“ на една жена, се провлекува низ медиумите и наративите од нашето секојдневие, формирајќи ги нашите светогледи и насочувајќи ги очекувањата.

Како резултат на тоа, девојчињата и жените почнуваат да се доживуваат себеси како украсен предмет што би требало да го дополни или потполни машкиот субјект, па се опседнуваат со постигнување на соодветниот изглед и однесување диктирани од масовните медиуми. Честопати се смета дека задоволството и статусот што доаѓаат со остварената романтична моногамна врска се доволни за да се истрпат навреди, понижувања, а понекогаш и суптилно затскриено насилство.

Целта на организацијата е преку настанот да го разобличи тој мит, а присутните да имаат можност да видат од каде потекнува и кон што води. За таа цел, ќе анализираат кратки извадоци од книжевност, филм и медиуми.