Меѓународни новинарски организации: Да се запрат притисоците врз независните медиуми во Македонија

Меѓунарoдната федерација на новинари (МФН), Европската федерација на новинарите (ЕФН), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска ја организираат регионалната средба: Спроведување на кампањи за новинарски права во Источна Европа: регрутирање на членство, правна заштита и социјални права за новинарските здруженија и синдикати низ Централна и Источна Европа.

Меѓународните новинарски организации бараат запирање на притисоците врз независните медиуми во Македонија

Фото: ЗНМ – Твитер

На средбата се говореше за статусот на новинарството, слободата на изразување и уредничката независност во Македонија и притоа организациите дадоа повеќе препораки за итна реформа на македонскиот медиумски простор.

Како дел од средбата денеска се одржа и прес конференција, на која претседателот на Европската федерација на новинарите, Мојенс Блихе Бјерегард порача дека случајот со новинарот Томислав Кежаровски претставува напад врз сите новинари.

– Кежаровски‬ само си ја вршел својата работа, со притворот е нападнат од властите, а со тоа сме нападнати сите, истакна Бјерегард.

Според организациите, потребно е преиспитување на случајот на Кежаровски, кој беше осуден на четири и пол години затвор за објавен текст пред пет години во кој според пресудата открил идентитет на заштитен сведок.

Меѓународните и домашните новинарски организации ги дадоа следните препораки за подобрување на македонскиот медиумски простор, кои ви ги пренесуваме интегрално:

1. Усогласување на домашното законодавство со меѓународните норми за слобода на изразување и обезбедување на негова праведна примена без дискриминација;

2. Запирање на сите притисоци и неприфатливи ограничувања на независните и критички настроените медиуми; преиспитување на сите дејствија преземени против новинари/ки и понуда на компензација на жртвите на несооодветениот и неправеден однос. Ова се однесува и на затворањето на неколку медиуми и на судската постапка против Томислав Кежаровски;

3. Непристрасност на судовите и преиспитување на судските одлуки во согласност со меѓународните стандарди и пракси;

4. Обучување на судии за соодветна примена на Законот за клевета и навреда во согласност со меѓународните стандарди и пракси; гарантирање дека државните и партиски функционери ќе се воздржат од тужби против иистражувачките новинари/ки и медиуми заради откривање на информации од јавен интерес;

5. Целосна транспарентност на владините медиумски кампањи со јасен јавен интерес заснован врз објективни критериуми; Владата е еден од главните рекламери во приватните медиуми;

6. Државата треба да ја гарантира непристрасноста на регулаторното тело за медиуми и да го заштити од партиски и економски влијанија;

7. Загарантирана слобода на здружување на новинарите и темелна истрага на вмешаноста на Владата во работата на новинарските синдикати и здруженија;

8. Да се истражат сите случаи на насилство врз новинари и одговорност за сторителите за да се стави крај на неказнувањето;

9. Преземање мерки за гарантирање институционална и финансиска независност на јавниот радиодифузен сервис;

10. Да се осигура дека државните институции навремено одговараат на барањата за јавни информации од страна на граѓаните

11. Не може да постои слободно новинарство кога медиумските работници работат во услови на корупција, сиромаштија и автоцензура; Следствено, државата мора да гарантира минимални работнички права на здружување, колективно преговарање и фер третман на работното место

Ова треба да се изведе по пат на:

– преземање мерки против сопственици на медиуми кои ги прекршуваат работничките и професионалните права на медиумските работници;
– гарантирање на правото на членување во синдикати на работното место без закани за отпуштање од работа;
– унапредување на правото на застапување од страна на синдикат и на колективно преговарање.

12. Да се стави крај на сите обиди за маргинализација и дискредитација на работата и улогата на независните синдикати и професионалните здруженија основани со цел да ги заштитат правата на новинарите како и независноста и стандардите во професијата. Слободата на здружување мора да биде апсолутно загарантирана и заштитена.

13. Стапувањето во новинарската професија и правото да се биде новинар не треба да биде регулирано со какви и да е законски дефиниции или норми.

Во рамките на конференцијата на која присуствуваат претставниците на меѓународните новинарски организации вечерва со почеток во 19.30 во Клубот на новинарите во Скопје ќе биде организирана Вечер на солидарност со новинарот Томислав Кежаровски.