Меѓународниот ден на сексуалните работници ќе се одбележи во Скопје

Меѓународниот ден на сексуалните работници ќе се одбележи во СкопјеМакедонија ќе се приклучи кон Глобалното одбележување на Меѓународниот ден на сексуалните работници, најавува невладината организација Стар-Стар.

Според организаторите, на втори јуни во Градскиот парк во Скопје, од 13 до 20 часот на промотивниот штанд на СТАР-СТАР, ќе биде промовирана аспирацијата и профилот на сексуалната работа во Македонија.

Трајче Анушев, генерален секретар на „Стар“, вели дека самиот настан е наменет за да се подигне свеста на општата популација и да се презентира позитивната страна на сексуалната работа, но и да се сензибилизираат младите на оваа тема.

„Зошто да ги обезвреднуваме оние кои ни продаваат уживање? Писатели и композитори, високи благородници и кралеви – сите биле обземени од сексуалност. Сексуалниот нагон е најанималниот човечки нагон. Во природата постои само уште еден нагон кој по својот интезитет е еднаков на сексуалниот : потребата за храна. Тој секогаш успевал да најде начин да се манифестира, наспроти забраните на голем број владетели и строгите казни на инквизицијата и страдањето од полови болести. Се чини дека неговото задоволување им носи најголема радост и најголемо уживање на луѓето – од почетокот на нивното постоење“, се вели во најавата на настанот на Фејсбук.

Меѓународниот ден на сексуалните работници се одбележува веќе десетина години низ светот.