Меѓаши: Политичките партии да не ги злоупотребуваат децата за добивање партиски поени на претстојните избори

Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги повикува сите политички партии и нивните членови во предизборниот период да ги почитуваат правата на децата и да не ги инволвираат на каков било начин за време на престојните парламентарни избори. До медиумите, пак, апелираат да не рекламираат политички спотови каде се вклучени деца.

„Политичката злоупотреба на деца и манипулација во интерес на добивање партиски поени со инволвирање деца во медиумски кампањи и политички маркетинг беше пракса на политичките партии и претходно. За жал забележуваме дека истото продолжува. Во Детската амбасада Меѓаши веќе добивме една пријава за политичка злоупотреба на деца во медиумска кампања, во која децата на ним несвојствен начин се претставени како главен мотиватор за политички одлуки кои не ги ни разбираат. Сметаме дека на овој начин преку децата има обид  на емотивна основа да се допре до пошироката публика, што за нас е неприфатливо, а нивната улога е од визуелен рекламен карактер, спротивно на суштинските интереси  и потреби на децата“, реагираат од „Меѓаши“.

Оттаму забеежуваат дека децата се приоритет на политичките партии само за време на избори, особено во делот на политички кампањи.

„Од таа причина бараме партиите да го сменат нивниот пристап и децата да им бидат фокус 365 дена во годината и тоа во сферите на подобрување на условите за живеење, образование, здравство, социјални услуги… но не во кампањи каде што се злоупотребуваат како „декор“ и средство за постигнување политички поени. Очекуваме конечно децата да станат интегрален дел од партиските програми, да бидат прашани за нивни мислења при креирањето на програмите и конечно, тоа што го ветуваат да биде исполнето. На ваков начин ќе им се овозможи на децата да бидат активни учесници во креирањето на програмите и активностите од кои тие се директно засегнати“, велат од „Меѓаши“.

Поради состојбата со коронавирусот, од Детската амбасада најавуваат дека периодов дополнително остро ќе реагираат ако забележат присуство на деца на политички собири и митинзи како и за облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца.

Според Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје.

Сепак, истражувањата на „Меѓаши“ покажуваат дека во Собранието генерално се забележува непроменета слика во однос на дискусиите поврзани со детските права повеќе години, што според нив, остава јасна слика за тоа како политичките партии и нивните претставници гледаат на децата и нивните интереси.

„Во предизборието децата се користат за добивање политички поени а по завршувањето на изборите за време на мандатот се прави многу малку во нивен интерес.  Тие деца се идни гласачи и треба да сме свесни и одговорни какви пораки им праќаме во процесот на нивниот раст и развој“, сметаат од „Меѓаши“.