Медиуми ослободени од омраза и дискриминација – рецепт за ненасилна младина

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка), стои во членот 10 од Кодексот на новинарите.

Медиумите имаат големо влијание, моќ, но и одговорност, особено пред младите луѓе.

Затоа, медиумските работници бараат начинот на информирање во случаи на несреќи, катастрофи, војни, семејни трагедии или судски постапки – мора да биде ослободен од сензационализми.

Претседателката на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), Катарина Синадиновска, нагласува дека е огромна одговорноста на јавно кажаниот збор. Ова посебно важи во сензитивни случаи, пример како што беше трагедијата со убиеното момче во Лисиче.

„Ќе ве потсетам и на друга несреќа со автобусот што се преврте кон тетовско. Веднаш таа несреќа повторно се искористи за старата болка – поттикнување на меѓуетнички тензии и слично. Па, еве и несреќата со пожарот во Велес. Медиумите повторно политички го злоупотребија настанот со објавување дури и на неточни фотографии од странство. Имаше фотографии од Калифорнија, како гори, со пожарот од таму. Значи, кога имаме загуба на млад живот, кога имаме големи штети, материјални или било какви, елементарни непогоди… вие морате да тргнете од еден човечки аспект и да се запрашате што е јавниот интерес во моментот и која е вашата улога како новинар?! Дали вие треба да долевате масло на огнот, или треба да бидете одговорен во вашиот пристап и да презентирате вистински информации?, вели Синадиновска.

Забележува дека почитувањето на Кодексот на новинари е болка и кај силните демократии. Меѓутоа, потенцира Синадиновска, кај нас поларизираноста и политичката поделеност е толку силна, па и самите медиуми често се претворени во слуги на одредени политички или бизнис центри на моќ, без човечки сенс дури кога се работи и за вакви катастрофи или несреќи.

Класификација на содржини во традиционалните медиуми

Во поглед на традиционалните медиуми, телевизиите можат сериозно да наштетат на развојот на малолетната публика, па затоа е потребно да направат класификација и да ги заштитат младите, нагласува Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Постои Правилник и мора да водат сметка за низа критериуми – за степенот на насилство во содржините, кога тие се прикажуваат, или колку е нешто експлицитно.

„Понатаму, каков говор се користи, дали е непристоен говор, навредлив, дали има непристојни гестикулации… Дали има, да речеме, сексуално однесување забрането со закон, а неговото прикажување може да биде оправдано само во рамки на конкретно дело, со конкретен жанр. Понатаму, еден од критериумите e за содржина што ја емитуваат дека е опасна по здравје, а е сугестибилна и лесна за имитација. И, постојат знаци и вербално предупредување дека содржината е за цела публика, дека е над 8 години, над 12 или 16, или само за полнолетна публика“, објаснува раководителката на Одделението за човекови права и медиумска писменост во АВМУ.

Околу правилата на игра и етичкото однесување во традиционалните медиуми, Петреска Камењарова потсетува дека земјава е дел од европскиот аудиовизуелен простор, па оттука важат европските стандарди.

„До таму каде што нешто потпаѓа под регулација, прекршување на норми за говор на омраза, заштита на малолетници… До таму регулациски треба да се решаваат работите. Кога станува збор за навреда и клевета, тоа треба да е регулирано како во Македонија, со граѓански судски постапки. Но, делот на почитувањето на професионалните норми и стандарди е дел на саморегулација. И добро е што во Македонија имаме саморегулаторно тело што добро ја работи својата работа, стана се посилно“, смета Петреска Камењарова.

Во секој случај, смета дека е добро саморегулациски да е решено прашањето со стандардите, затоа што, вели таа, сепак осудата што доаѓа од фелата, од самите новинари, треба да биде најсилна.

Мрежа против говор на омраза во медиумите

Синадиновска објаснува дека во Советот за етика постојатно пристигнуваат претставки, особено за работата на порталите. Лани – говорот на омраза, потикнувањето на насилство или дискриминација врз која било основа, бил застапен во околу 23% од жалбите. Но, процентите одат и над 31% ако се земе предвид и културата на говорот и етиката.

Оттука, формирана е Мрежа против говор на омраза во медиумите, каде се вклучени повеќе министерства, обвинителството, новинарски и невладини организации. Единствено, дополнува Синадиновска, немало слух од Агенцијата за заштита од дискриминација, тело што по автоматизам треба да се бори со вакви опасни појави.

„Таму нема разбирање. Ќе бидам отворена, раководниот кадар во таа институција одби секаква соработка и, буквално, мислам дека не ја сфаќаат задачата и одговорноста како тело што треба да се борат со оваа опасна појава“, вели претседателката на СЕММ.

Идејата е преку интегрирана активност, да се вклучат сите чинители, секој во својата област да го стои максималното, за да може да има ефективна борба против говорот на омраза.

„Навистина е многу опасно кога медиумите го користат јавниот дискурс и креираат некој наратив на поттикнување на насилство, зашто говорот на омраза креира насилство од омраза, па ние мораме да бидеме внимателни. Затоа, ова е повеќефазна активност, треба промоција, работа на терен и, она што е најважно – казни. Затоа што во 30 години независност имаме само два случаи на говор на омраза со покрената активност, и тоа сега неодамна. Нашите судови не го препознаваат говорот на омраза како дело. Доколку нема казни, доколку луѓето не сфатат дека слободата на говор застанува таму кадешто почнува слободата на другиот. Дека слободата на говор на говор не значи да повикувате на насилства – мислам дека нема да постигнеме ништо“, забележува Синадиновска.

Одговорност на социјалните мрежи

Синадиновска зборува и за индивидуалната одговорност на младите во дигиталниот свет. Младиот човек по дефиниција треба да биде бунтовен, критичен кон неправди, тоа е здраво за општествтото и таа енергијата раѓа промени. Меѓутоа, енергијата треба да се насочи и канализира, за да има ефект.

„Со непримерен говор, со поттикнување на насилство… Едно е што има домино ефект, тој пеперутка ефект кој потоа се шири и станува лавина на социјалните мрежи, второ реално институционално ништо не постигнувате. Не вршите промена. Значи, само го загадувате просторот, го контаминирате и онака загадениот простор и крајниот ефект нема да го постигнете. Младите мораат да бидат свесни дека во социјалните мрежи во денешно време, особено кадешто секој млад човек има смартфон, пристап до интернет… секој мора да тргне од себеси. Од сопствената лична одговорност и како ја замислува сопствената позиција во општеството“, потенцира Синадиновска.

Нејзиниот апел е да се биде одговорен. Бидејќи секој збор вреди, секој збор значи и може да остави сериозни белези.

„Дури и да не поттикнат физичко насилство, повредата може да биде на многу различни нивоа и мора да се биде одговорен“, констатира Синадиноска од Советот за етика во медиумите.

Бојан Шашевски

*Првична аудио верзија од темата е објавена во склоп на емисијата „Мегафон“