„Медицинските сестри се исцрпени“ – Здружението „За нас“ бара сестринскиот персонал да е платен под новите услови

Медицинските сестри се исцрпени и потребен им е одмор, реагираат од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“. Тие забележуваат дека со зголемувањето на бројот на заразени и отворањето нови капацитети за лечење, но со истиот носечки персонал, сестринската професија е преморена.

Од Здружението бараат сите медицински сестри кои се префрлени, надополнети, преструктуирани од едно на друго одделение, во други институции, во Ковид центрите, да бидат платени под тие услови, а не како што велат, со лични доходи од матичното работно место, кое е на друг начин со коефициент изразено.

„Ова е нешто на кое секојдневно треба да се води сметка бидејќи во овие исцрпувачки работни денови не треба вака да бидат  дестимулирани медицинските сестри“, вели сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата предводена од здружението „За нас“.

Според неа, тие мора да издржат пред професионалниот предизвик и да се спротивстават на стравот.

„Херои сте кога ја добивате битката, но за жал ние сме соочени со наплив на пациенти. Кога не се почитуваат мерките тоа е како да сте се здружиле со непријателот. Издржавме многу и во други времиња на немири, епидемии, сообраќајни незгоди, и на крајот од се бевме поголеми и посреќни бидејќи успевавме да се справиме. И сега се справуваме но, лавината е се поголема, времето се пролонгира и неизвесноста трае“, изјави Бешлиовска.

Покрај ова, од Здружението апелираат да се почитуваат дадените превентивни мерки, да се грижат за себе и за личното и здравјето на најблиските.