Масовен собир за независност во Барселона, пред референдумот под закани и лажни вести

Неколку стотици илјади граѓани денеска се очекува да излезат на улиците низ Каталонија пред контроверзниот референдум за независност на шпанскиот регион, кој треба да се одржи на 1-ви октомври.

Собирите се организираат поради националниот празник на Каталонија, познат како „Диада“, кој го одбележува падот на Барселона во Шпанската војна од 1714 година, кога регионот ги губи своите институции и самостојноста. Но, настанот од 2012 година претежно се користи политички, од оние кои бараат независност на богатиот северо-источен регион од Шпанија, со прослава која е делумно празнична, а делумно протестна.

Оваа година „Диада“ доаѓа 20-тина дена пред најавениот референдум кој минатата недела го распишаа пратениците во каталонскиот Парламент кои ја поддржуваат независноста.  Владата на Шпанија законот за референдум го посочи како неуставен и како израз на непослушност, додека обвинителството покрена истрага за злоупотреба на службената положба на членовите на Владата на Каталонија и Претседателот Карлес Пуигдемонт.

Во петокот, шпанската полиција ја истражуваше подготовката за референдумот, вршејќи претреси во уредите на два регионални весници. Пуигдемонт по тие информации во твит напиша: „Тие не бараа гласачки ливчиња, туку кавга“, пренесе Гардијан.

И покрај постојаното инсистирање на шпанските власти дека референдум нема да има, претседателот на Каталонија е одлучен дека гласањето ќе се одржи и ги повика приврзаниците на независност на регионот да излезат што помасовно на денешните демонстрации.

Ал Џазира јавува и за кампањи на „лажни вести“ со цел да се извршат опструкции на референдумот и на јавното мислење. Од медиумот објаснуваат и дека доколку Каталонија прогласи независност, тоа ќе значи дека престанува нивното членство во Европската Унија и ќе бидат потребни преговори за воспоставување на нови економски односи со Шпанија и со членките на ЕУ.

Иако мнозинството од Каталонците поддржуваат референдум за одлука по прашањето на одвојување од Шпанија, анкетите сугерираат дека по самото прашање жителите на овој регион се поделени.

Според анкета спроведена на крајот на јули, 49,4% од Каталонците се против независноста, додека 41,1% ја поддржуваат. Сепак, анкета од минатата недела покажа дека доколку се спроведе референдум кампањата за независност на Каталонија ќе освои 72% од гласовите на излезност од 50%.