Национален телевизиски канал од Мароко се извини откако емитуваше туторијал со совети за жени за тоа „како да ги камуфлираат знаците на насилство“.
Навредливиот прилог, емитуван на Канал 2М на шоуто Сабахијат во средата, ја прикажувал шминкерката Лилиа Мулине како демонстрира начини да се покријат трагите на насилство на жена чие лице било покриено со модрици.
„Осигурајте се дека ќе користите течна пудра за да ја фиксирате шминката, за ако треба да работите во текот на денот, модринките да не се појават“, вели водителката на крајот од прилогот, пред да ги препорача најдобрите козметички производи за темелно прикривање, како пудра и коректор.
Програмата, која се емитувала два дена пред Меѓународниот ден за спречување на насилството врз жените, предизвика бес во државата, а отворена е и петиција која повикува на Агенцијата за аудиовизуелна комуникација да го затвори каналот.
„Не го покривајте семејното насилствосо шминка, осудете го агресорот!“, пишува во петицијата.
„Ниту една жена не треба да преживува семејно насилство, а не пак да размислува да ги сокрие трагите. Срам да ви е, 2М“, напишал еден потписник на петицијата.
Телевизијата оттогаш го избриша видео клипот од својата веб страница и се извини за „грешка во судот за чувствителноста и сериозноста на насилството врз жените“.
М2 рекле и дека „ќе ги направат неопходните чекори кон луѓето одговорни за таа грешка и да ги зацврстат алатките на контрола и надзор на оваа тема“
Мароко нема закони против семејното насилство, а насилството над жените е многу често, велат од организацијата Human Rights Watch.
Јавуваат и дека Мароко има многу слаб одговор за спречувањето на семејното насилство, заштитата и поддршката на жртвите и осудувањето на насилниците.
Мароканската влада изработила предлог закон за насилството врз жените, но има статус на чекање од 2013 година. Од Human Rights Watch велат дека „иако предлог законот има добри елементи, му недостига црвста дефиниција за семејното насилство и не го криминализира силувањето во брак“.