Маргини и ХОПС: Судот во Стразбур пресуди против Македонија поради земање ДНК-примерок без судска постапка

Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК-материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови слободи и права, информираат од Коалицијата Маргини и ХОПС.

Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до Стразбур со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.

Во постапката против едниот од жалителите, велат организациите, примерокот од ДНК не бил искористен како доказ, а не постои гаранција на кој начин и колку време овој податок ќе се чува и за што ќе се искористи во иднина.

„Аргументот на полицијата дека ДНК примерокот е земен со цел да се утврди идентитетот на жалителите е неоправдан и непотребен во услови кога постојат други законски пропишани начини да се утврди идентитетот на осомничените“, соопштуваат организациите.

Маргини и ХОПС нагласуваат дека Судот во својата судска практика веќе има утврдено дека самото чување на ДНК податок е мешање во приватниот живот.

Исто така, нагласуваат дека оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од полицијата.

„Според искуствата на Коалиција Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имаше пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност“, велат тие.

Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од Коалицијата Маргини и ХОПС, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

„Апелираме, пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се споведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување на јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата“, се вели во соопштението на организациите.