Мапа: Земјите во светот според бројот на домени

Nominet, официјалниот регистар за имиња на домени на Велика Британија, создаде мапа на светот според која секоја земја е онолку голема колку што има веб страници кои го користат нејзиниот домен.

Островот кој се наоѓа источно од Азија и Австралија е Токелау, кој припаѓа на територијата на Нов Зеланд. Овој остров има импресивни 30 милиони регистрирани домени, од причина што доменот .tk е бесплатен. Freenom, холандска компанија, обезбедува бесплатни .tk домени од 2000 година и дава дел од заработката од реклами на интернет на жителите на Токелау. Freenom обезбедува вакви услуги и на Мали (.ml), Габон (.ga), Централната Африканска Република (.cf) и Екваторијална Гвинеја (.gq).

Од таа причина Токелау е огромен на мапата, а Америка е мала бидејќи нема многу корисници на националниот домен. Иако доменот .com е најмногу користен од американски веб страници, официјалниот код на земјата, .us не е многу популарен. Според регистарот на .us доменот, Neustar, доменот е лансиран во 1985 година, но бил достапен само за владини агенции и училишта до 2002 година.

Инаку, доменот .com го нема на мапата, бидејќи не припаѓа на ниту една земја. На мапата не се вклучени ни домените кои користат други симболи, место латинични букви. Земјите кои користат други азбуки до 2010 година не можеле да добиваат веб адреси на нивниот јазик.

Извор: Mashable