Ману Чао со „Ла Вентура“ на јубилејниот Д Фестивал во Дојран

Револуционерниот музичар, активист и еден од најважните гласови на светската музика Ману Чао ќе го затвори јубилејното, петто издание на Д Фестивал во Дојран. Настапот на Ману Чао е најавен во недела, на 19 јули.

Во Дојран доаѓа со својата „Ла Вентура“, која, покрај него, ја сочинуваат уште и гитаристот Маџид, басистот Гамбит и тапанарот Гарбансито. „Ла Вентура“ во Дојран ќе биде засилена со музичари на дувачки инструменти за шестчлен состав еднакво силен како легендарната „Радио Бемба“, а сет листата покрај најголемите химни како што се „Clandestino“, „Rainin’ In Paradize“, „Mi Vida“, „Politik Kills“ или „Mala Vida“, вклучува и бројни изненадувања, необјавени песни, а понекогаш и обработки на легенди како што е Боб Марли.  Ману минатата година одржа низа настапи на најголемите светски фестивали како што се „Роскилде“ и „Вудсток“, годинава ги предводи најзвучните фестивали во Европа, а неодамна одржа и неколку стадионски настапи во Аргентина и Колумбија!

„Оваа година, на наше особено задоволство Господинот Хозе Мануел Томас Артур Чао Ортега и официјално станува и најпознатата фаца која стапнала во Дојран после славниот Благој Истатов, “ велат од Пасворд Продакшн .

Револуционерно продорен и подеднакво мирољубив, познат по својот општествен активизам и незадржливите стихови, Ману Чао е еден од највлијателните музичари во новата историја, подеднакво почитуван ширум планетата со концерти на пет континенти. Францускиот уметник и активист со шпанско потекло, својот карактеристичен звук го градеше преку разни панк влијанија како што се „Д Клеш“ (The Clash), „Џем“ (Jam) или Д-р Филгуд (Dr. Feelgood). Неговите песни се карактеризираат со бескомпромисни стихови, поради што е признаен како глас на слободарските генерации и свесните луѓе кои не го прифаќаат диктатот на глобалната политика и сѐ поголемото отуѓување во современиот свет. Ману, како ниеден друг музичар на светот, ги обединува панк ставот, лиричноста на шансоните, ритмиката на салсата, егалитаризмот на регето и еуфоријата на ска музиката, што на неговите песни им дава посебен шарм, близок до публиката на сите меридијани.

Ману пее дури на седум јазици, а темите ги опфаќаат политичката критика, имиграцијата, љубовта, животот во гето, слободата на мислењето и живеењето, како и приказните за автентичните случувања од своето живописно искуство. Уште кога со својот брат Антоан ја водеше групата „Мано Негра“, тој настапуваше во неколку приморски локации во Африка на бина приградена на бродска палуба со која патуваа за време на целата турнеја. Уште една нетипична бина е секако и возот „The Ice Express“ на кој настапуваше и патуваше за време на турнејата низ руралните делови на Колумбија. Повеќе од пет милиони продадени примероци од наградуваниот албум „Clandestino“ сведочат за далекусежноста на неговиот звук и влијание, како и фактот дека Роби Вилијамс и Лили Ален ги обработија песните „Bongo Bong“ и „Je ne t’aime plus“ и ги објавија како единствена нумера на албумот на Роби насловен „Rudebox“.

Своето учество на фестивалоте веќе го потврдиј Кирил Џајковски и ТК Вондер и Фолтин, Србите Бед Копи и Грците Баилдса. За најдобро поминатото време летово ќе се погрижат и Љубојна брас фатази, Бла Бла Бла, ПМГ колектив, Фулиш грин, ЗАА, Драм’ен’Брас Трио, К.У.Р.. Само во рамки на музичката програма на Д Фестивал, од 17 до 19 јули во Дојран ќе гостуваат повеќе од 30 изведувачи, а покрај тоа најавени се и бројни гости од дополнителните активности на фестивалот.