Манчевски најави портал за отворени податоци и податочна писменост како дел од образовниот процес

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната пресконференција ги презентираше Стратегијата и Акцискиот план за отворени податоци, посочувајќи дека отворените податоци можат да бидат силен поттик за социјален и економски развој.

Манчевски објасни дека отворените податоци ќе можат да се искористат и за подобрување на управувањето, преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт, што ќе доведе до подобра испорака на услуги и поголема ефикасност на јавниот сектор и зголемување на граѓанското учество.

„Особено треба да се нагласи дека директно ќе влијае позитивно во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси. Наша главна заложба е да ги донесеме услугите до граѓаните. Тоа е многу полесно отколку да ги носиме граѓаните до услугите. Отворањето на податоците е еден од механизмите да го постигнеме тоа“, изјави министерот Манчевски.

Министерот Манчевски посочи неколку конкретни примери од животната средина, сообраќајот и земјоделието, кои ја илустрираат можноста на која се нуди преку користење на отворените податоци.

„Преку објавување на податоците од сензори поставени на раскрсниците, се добива слика за тоа како прометот на коли влијае на загадувањето на воздухот. Од тоа би можело да произлезе апликација која ќе кажува каде е најголемата сообраќајна гужва и ќе нуди алтернативни патишта за избегнување на истата. Ова ќе придонесе за намалува загадувањето од издувни гасови од автомобилите. Тоа што во Британија многу успешно функционира се апликациите за квалитетот на услугите што ги нудат определени институции, како болници и училишта. Одлуката во кое училиште да го запишат своето дете британците ја носат според, отворените податоци за училиштата кои даваат јасна слика за услугите што го нудат училиштата. Со изработка на апликација која преку комбинирање на податоци за климата, временските услови и најповолните условите за одредени земјоделски култури. Анализата на овие податоци ќе покаже во даден регион која временска култура има најдобри услови да успее и да даде најголеми придонеси. Тоа што како позитивен пример од кај нас ќе биде исто така дел од порталот е и софтверот за трошоците на функционерите“, рече Манчевски.

Министерството во моментов работи на портал за отворени податоци, а министерот презентираше дел од функционалностите на порталот.

„Во наредниот период следат серија на мерки за ажурирање на постојните податоци во институциите и објавување на порталот за отворени податоци. Граѓаните и сите засегнати страни предвидено е да бидат вклучени при дефинирање на тоа што за нив се најкорисни податоци кои треба да бидат достапни. На подолг рок, предвидуваме податочната писменост да биде дел од образовниот процес и поддршка на стартапи кои своите бизниси ги засноваат на отворени податоци“, заклучи Манчевски.