„Малите суштества од Карантина“ – Онлјан изложба од Ненад Тонкин

Денеска во 12 часот ќе биде поставена изложбата „Малите суштества од Карантина“ на дела од уметникот Ненад Тонкин како дел од проектот „Култура во време на корона“ на Град Скопје со градските културни установи.

Изложбата ќе биде стримувана на Фејсбук страницата и на Јутјуб каналот на Град Скопје.

„Имагинативна приказна за пет мали суштества кои немо го сведочат животот на две човечки битија и една мачка затворени во стан за време на карантинска изолација. Неприметни и воајерски потсокриени, малите суштества ги забележуваат сите секојдневни или несекојдневни дејства, навики и случки во тој стан за време на полициски час од утро до мрак“, најавува организаторот.

За Тонкин се наведува дека е мултидисциплинарен уметник и нереализиран професор по предучилишно воспитание. Во полето на визуелната уметност создава концептуални скулптури и инсталации, цело време размислува за сценски дизајн и театар, кога наоѓа време и желба продуцира и компонира електронска музика, а во кујна ужива да се занимава со тесто.