„МАЛИ НЕШТА (со големи букви)” – изложба на МОМИ

Вечерва во 19:00 часот во Автономниот културно социјален центар, како дел од настанот кој го организира АКСЦ по повод „Роденденот на уметноста”, ќе се реализира проектот на групата МОМИ насловен „МАЛИ НЕШТА (со големи букви)”.

„МАЛИ НЕШТА (со големи букви)” - изложба на МОМИ

На поставката со своите дела ќе се претстават седумте авторки: Христина Зафировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Ана Ивановска и Кристина Хаџиева.

Секоја од нив поаѓајќи од својата приказна гледана преку личниот објектив, ќе ни ја претстави визијата која ја достига преку сопствениот контемплативен процес. Ќе бидат претставени седум различни перспективи, ослободени од популарните и естетските притисоци, спротивставени на стереотипите и вообичаеното врамување на нештата.

Проектот на МОМИ е конципиран да биде составен од помали дела и минијатури, без ограничување на техниката, т.е. ќе опфаќа поголем опсег на ликовни медиуми, во согласност со досегашната работа на авторките.

Смислата и содржината на животот, секојдневието, опстојувањето не е во создаденото, туку во создавањето. Постојаното создавање води кон откривање на вистинските вредности во животот, за кои понекогаш и не треба многу да се зборува, зошто тие се секогаш тука, меѓу нас, присутни со својата таинственост.

Тоа се “малите нешта со големи букви” , можеби некогаш мали по димензија или според некои општо воспоставени норми, но големи и значајни за нас, како дел од нашата лична приказна. А секоја лична приказна, навидум мала и безначајна, преточена во уметничко дело ja наоѓа својaта смисла во споделувањето, носејќи во себе нешто општочовечко, вондимензионално и безвременско.