Македонци и на 50 години бараат работа во странство

Катар, Дубаи и Абу Даби се на листата на ветени дестинации за младите кои бараат работа во странство и кои во таквата авантура влегуваат и на 19 – годишна возраст. Не е мал бројот и на оние македонски граѓани кои решаваат да тргнат на печалба и многу подоцна, надеваќи се дека ќе одговорат на критериумите на странските работодавачи кои бараат пред се сериозни професионални квалификации и познавање јазик, пишува Inbox7 во анализата посветена на феноменот на иселувањето на македонските граѓани во странство.

Македонци и на 50 години бараат работа во странство

Македонските граѓани во потрага по подобра живеачка се подготвени да ја бараат ветената земја и на педесетгодишна возраст, во години кога можеби е прерано да се откаже човек од предизвикот, но и предоцна да се почне нов живот надвор од сопствената земја. Сепак, тоа е новиот тренд за кој дознаваме од агенциите кои посредуваат при наоѓање работа во странство – се поместува старосната граница на македонските граѓани и се движи од 19 до 55 годишна возраст и нагоре. Се уште најатрактивни се крузерите, бродовите за крстарење, како и државите од Арапскиот полуостров. Европа ги поттикнува своите граѓани да работат насекаде низ стариот континент, а во истовреме дел од европските држави ставија мораториум за вработување на странска работна сила од неевропски држави.

Според агенциите кои посредуваат при наоѓање работа во странство профилот на лицата кои бараат работа е шаренолик, бидејќи не постои некоја стриктна поделба по стручност или по возраст.

Македонци и на 50 години бараат работа во странство „Побројни се младите на возраст од 19 до 27 години, но се почесто се појавуваат и лица над 40 години“, објаснува Зоран Кочоски, прв човек на „Коузон Корпорацијата“ во Скопје, која има свои претставништва во 14 држави во регионот и пошироко.

Според него, овие лица притиснати од потребата за поголеми средства за посериозни инвестиции во животот, се определуваат да бараат работа преку која би можеле да заштедат.

Се почести се случаите кога и пензионирани граѓани од Македонија решаваат да одат на работа во странство. Работоспособните граѓани често се одбивани од странските амбасади и не успеваат да добијат ниту туристичка, ниту работна виза.

„Кога син ми не го пуштија да отпатува во Америка, јас решив да поднесам документи во амбасадата“, објаснува 60-годишниот пензионер од едно струмичко село, кој отпатувал во САД заедно со сопругата на крштевка и останал да работи на „црно“.

За тешка физичка работа – демолирање, тој сега заработува 100 долари на ден, а неговата сопруга е платена по 9 долари на час како хигиеничарка во приватни станови.

„Сепак, компаниите кои ги ангажираат знаат дека овие лица се илегалци со несредени документи и затоа им плаќаат минимално. Еве на пример, жените кога ги превезуваат од една на друга локација за чистење, не им е платено времето за транспорт“, објаснува Марина В., која веќе десет години живее во САД. Таа и нејзиното семејство таму мигрирале откако добиле зелени карти на американската лотарија.

Австралија, Нов Зеланд и Канада се единствените држави кои нудат регуларни владини програми за емиграција врз основа на работни или стручни квалификации.

Сепак и овие држави во многу ги заострија условите за добивање на т.н. иселенички визи. Постапката за добивање на овие визи трае од 1-2 години во кој период кандидатите треба да приложат повеќе сертификати за квалификуваност, т.е. дипломи за завршено образование, работно искуство и положени интернационални тестови за познавање на англискиот јазик“, објаснува Кочоски.

Критериумите растат – интересот за вработување опаѓа

Канада нуди емигрантски визи за околу 25 професии кои се дефицитарни, а тоа се: професии од природните и техничките науки, одредени занаети, како електричар, заварувач и слично.

„Постапката трае со години и чини најмалку 1000 евра Освен по дефицитарноста, кандидатите се ценат и по тоа дали добиле понуда за работа, задолжителна е факултетска диплома, а многу бодови се добиваат за семејство. Положените тестови за англиски и француски јазик ИЕЛТС и ТФЦ се задолжителни. Парадоксално е тоа што канадските работодавци инсистираат на канадско образование и работно искуство. Тоа значи дека секоја македонска диплома треба да се нострифицира, а потоа да се работи како почетник во професијата и сето тоа трае со години додека се стигне до полна плата. За Канада се аплицира на федерално ниво, но може и преку провинциските програми, но сите тие бараат да покажете дека сте добиле покана за работа од Канада. Исклучок е провинцијата Квебек, но таму се инстистира да одлично познавање на францускиот јазик, објаснува Сашо Ј., кој има намера да имигрира во Канада.

Целиот текст прочитајте го на Inbox7.