Македонските женски фото-дострели на изложба во Куманово

Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва (12 март) ќе биде отворена изложба на уметничка фотографија насловена „Жените и фотографијата“. Ќе бидат претставени четириесетина фотографии на дваесетина авторки од повеќе градови од земјава, а организатор и координатор на постановката е фото-клубот „Куманово“.

Клубот за релативно кратко време успеа да се наметне како еден од поагилните и дефинитивно релевантните во градот, за кој мнозина знаат да кажат дека е македонски центар на фотографијата.

Жените се почувствителни и посуптилни од мажите и поради тоа подобро ги забележуваат деталите. Тоа е дар на природата и со малку спретност да фати вистински кадар, излегува одлична фотографија, вели
Софија Петковска, претседател на фото-клубот „Куманово“.

„Ние започнавме со работа пред нешто повеќе од една година. Засега сме дваесетина членови од кои повеќето се жени, а целта ни беше на помладите и на љубителите на уметничката фотографија, посебно на оние што сакаат да се занимаваат со тоа, да им покажеме, да им објасниме што е тоа всушност уметничка фотографија. Затоа сега во тек е и курсот за уметничка фотографија за почетници со кој сакаме како најмлад клуб во градот едноставно да го прошириме своето членство“, истакнува Софија Петковска, претседателка на Фото клуб „Куманово“.