Македонските издавачи револтирани што доцнат резултатите од Конкурсот на Министерството за култура

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) реагира на доцнењето во објавување на резултатите од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура и ја изразува загриженоста на издавачите за последните случувања поврзани со проектите од 2020 година.

Тие велат дека законскиот рок за изборот на проекти од национален интерес е 45 дена од донесување на државниот буџет, што истекол на почетокот на февруари. Тие сметаат дека со доцнењето се наштетува на издавачите и на реализација на проектите, а дополнително се загрижени што ниту тие ниту јавноста е известена за причините за пролонгирање на евентуалниот датум кога можат да се очекуваат резултатите.

„Дополнително, се наметнува прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите од Годишната програма за 2021 година. Настанатото необразложено доцнење предизвикува нарушување на организацијата и планирањето на работата од страна на издавачите, како и голема неизвесност за издавачите, а особено за нивните надворешни соработници“, велат од МАИ.

Од Асоцијацијата потсетуваат и дека лани Министерството за култура било ригорозно во поглед на продолжување на роковите за проектите од Годинешниот конкурс и не им ја овозможило на издавачите можноста за продолжување на роковите до крајот на годината. Сега, велат од МАИ, ова доцнење на резултатите е контрадикторно и некоректно.

„Дополнително, изненадени сме и од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември. Издавачите, ниту консултирани и информирани, со оваа одлука се принудени самите да ги подмируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба. Поради тоа, бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основ и да биде реализирана во најбрз можен рок“, потенцираат од МАИ.

Од Асоцијацијата се надеваат дека Министерството за култура во најскоро време ќе ги објави резултатите.