Македонскиот бенд „Outlaw“ на фестивал на алтернативна метал музика во Белград

Македонскиот метал бенд „Outlaw“ е еден од осумте изведувачи на третото издание на музичкиот фестивал „Bleed to death“ во Белград, Србија, кој ќе се одржува на 21 ноември. Откако претходно се пријавиле, бендот преку гласање е избран да биде дел од главната фестивалска сцена.

„Outlaw“ е формиран во Скопје во 2010 година и е составен од членовите Наско Џорлев вокалист, Мартин Николовски и Иван Петровски на гитара, Даниел Дервишевиќ на бас и Филип Манев на тапани.

На фестивалот ќе се претстават со песни од нивниот албум „This Is How They Look At Us“, а ќе го изведат и нивниот последен сингл „Omnipotent“.

„Bleed to death“ е познат како фестивал на алтернативни музички жанрови кој опфаќа широк спектар на уметници кои работат на метал и рок културата во Србија. Покрај двете изданија на фестивалот, организаторите поддржуваат и разни концерти и настани од сличен карактер во Белград, но и низ Србија.

„Ние се стремиме да направиме голем број слични активности, со цел да ја доближиме првично помладата публика до алтернативната музичка сцена, до независните бендови од Србија и регионот, да донесеме успешни европски бендови, но да и дозволиме и на публиката да учествува во рамките на фестивалот“, велат организаторите.

Покрај целодневната музичка програма, фестивалот нуди и дополнителни активности кои ќе се случуваат пред музичките настапи. Посетителите ќе можат да се запознаат со целата метал култура низ неколку предавања, базар со дизајнерска облека и накит, а ќе можат да си направат и тетоважа.

Повеќе информации за фестивалот се достапни на официјалниот Фејсбук настан.