„Плес на танком леду“ се вика песната за чиј спот работеа македонските уметници Ѓорѓе Јовановиќ, Хана Корнети, театарот „Сенки и облаци“ и Ѓорѓи Митревски.
Спотот на „Екипа“ и Дарко Рундек – хрватскиот пејач и гитарист, поранешен фронтмен на бендот „Хаустор“ – вчера беше премиерно прикажан, а екипата што го правеше вели дека станува збор за шаманска и сонлива песна.
„Создадена е од авторската соработка на Ана Ковачиќ и Дарко Рундек, која ја носи препознатливата длабочина и креативната љубопитност по која се познати и двајцата“, посочува екипата.
Видеото за песната, велат тие, е резултат на неочекувана уметничка врска.
„Изборот на авторскиот тим дојде откако Дарко и Санда Хржиќ учествуваа на уметничка работилница посветена на заштитата на реките во 2023 година во Котли, Истра. Меѓу делата што беа создадени за време на процесот и кои минатата година беа претставени во Археолошкиот музеј во Загреб, се издвои видео од македонските уметници“, соопштува екипата.
Оттаму, Санда Хржиќ и Дарко Рундек ги поканиле на соработка македонските автори да бидат креатори на видеото, а уметниците со задоволство ја прифатиле нивната покана.
Она што може да се забележи како приказна за спотот, е играта со фигурите и сенките, што е белег на македонскиот театар „Сенки и облаци“.
Режијата, монтажата и дизајнот е на Ѓорѓе Јовановиќ, сценариото на Хана Корнети, глума и сценографија – „Сенки и облаци“, додека за продукцијата и камерата беше задолжен Ѓорѓи Митревски.
Како уметнички соработник е потпишана Санда Хржиќ.
Бојан Шашевски









