Македонски студенти по право во финалето на реномиран регионален натпревар

Македонски студенти по право обезбедија влез во финалето на реномиран меѓународен натпревар кој се одржа во Хрватска. „Беше едно навистина многу интересно и едукативно искуство, а успеавме да влеземе во финале кое ќе се одржи во средината на декември“, велат за Академик македонските студенти по право велат студентите Васка Бојаџи, Сара Кајевиќ, Ванче Камчев и Вилдан Дрпљанин,  учесници на натпреварот.

Големиот натпревар кој се одржа во Загреб, за првпат беше од меѓународен карактер, и на него учествуваа студенти, адвокати и професори/асистенти од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. „Big Deal“ е натпревар од областа на деловното право, наменет за студенти по правни студии и неговата цел е пренесување на знаење од областа на деловното право низ практична едукација.

Најдобрите студенти по право од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и од Босна и Херцеговина имаа можност да ги презентираат своите знаења кои опфаќаат работа на правна анализа, документирање на замислено трговско друштво, изработка на извештај за правната анализа и преговори за изготвување договор за пренесување на удел. На натпреварот воедно се реазилзираше и симулација на трансакции преку кои се спроведуваат статусни промени на трговско друштво, нешто што е предвидено да се спроведе во финалето.

На овој начин студентите имаа можност да се соочат со одредени проблеми кои се случуваат во правно-деловната пракса и да ги решат во реални услови, а во заокружувањето на своето знаење им помогнаа искусни адвокати кои ги споделија своите знаења со студентите како брзо и лесно да се подготват во спроведување на трансакцијата и да се здобијат со познавања и практични искуства.

Натпреварот е резултат е на соработката меѓу адвокатските кацеларии од различни држави од регионот, кои претежно работат во областа на деловното право. Проектот „Big Deal“ е во организација на регионалната мрежа на адвокатски канцеларии „Top-tier Legal Adriatic“, а едукативниот дел за македонските студенти го подготвува македонското адвокатско друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“, од каде што истакнуваат дека од големо значење за ваквиот натпревар е можноста да се работи со искусни адвокати.

„Целта на натпреварот Big Deal беше изработкана Legal Due Diligence Report, како и Draft Share Purchase Agreement, кои подоцна ги елабориравме и одбранивме пред комисијата составена од адвокати од повеќе држави. Беше едно навистина многу интересно и едукативно искуство, а успеавме да влеземе во финалето кое ќе се одржи во средината на декември“, велат студентите кои го постигнаа големиот успех на натпреварот.

Ментори на студентите од Правниот факултет беа адвокатите Емилија Ќелешоска – Шољаковска и Ана Хаџиева – Ангеловска од адвокатската канцеларија „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска“, како и м-р Петар Димитров и д-р Биљана Петревска од Правниот факултет „Јустинијан Први“.