Македонската влада допрва ќе одлучува за првомајскиот карантин, во Србија полициски час, во Хрватска скара на растојание

„Сè уште е рано да се каже дали ќе има тридневен карантин за викендот кој следни односно за првомајските празници. Во зависност на бројот на новозаболени, во соработка со комисијата за заразни болести и нивната анализа, ќе ја донесеме заеднички одлуката која најверојатно ќе ја соопштиме во четврток. Тешко е да се биде затворен, но со помош на оваа мерка успеваме успешно да се избориме со коронавирусот. Ова е време кога сите треба да се воздржиме за доброто на сите“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

За време на гостување во телевизијата „Сител“, тој најави дека најверојатно во четврток ќе се знае дали ќе има карантин за Први мај.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наке Чулев, на својот „Фејсбук“ профил соопшти дека на денешната седница на координативниот штаб во Владата, го потврдил својот став дека неопходно е одлуките кои ќе се донесат да не бидат во насока на заострување на мерките за движење.

„Граѓаните се одговорни, совесни и генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето. Тие се свесни за ризикот кој го носи заразата од Ковид 19 и ги применуваат мерките за заштита на своето здравје. Во таа насока, а во пресрет на продолжениот викенд за 1 мај, сметам дека владата треба да донесе одлука која ќе биде идентична на изминатиот викенд. Секое ограничување кое ќе биде построго и поригирозно негативно ќе се одрази на граѓаните“, вели Чулев во својата објава.

Тој додаде дека и понатаму стои на неговиот став дека дека шумите и планините треба да останат отворени во периодот кога е дозволено движењето за граѓаните, но тие да се користат за рекреирање, а не за групирање на граѓаните.

Од Владата пак, соопштија дека ќе продолжат со концептот мерки кои беа воведени пред неколку дена, а кој се темели на помали рестрикции на движењето, но со задолжително носење заштита на лицето, држење дистанца и негрупирање.

„При носењето на мерките се водиме од препораките на епидемиолозите и исклучиво со цел заштита на здравјето на населението. Одлуките за ограничувањата на движењата за претстојниот викенд ќе бидат донесени на првата следна владина седница, штом истата биде закажана“, пишува во владиното соопштение.

Додека македонските граѓани ги очекуваат одлуките за тоа какви мерките ќе важат во време на Првомајските празници, дел од балканските држави, како Србија и Хрватска, веќе ги најавија ограничувањата.

Во Србија се воведува тридневен полициски час

Во Србија Владата донесе одлука за строг полициски час, со што се забранува движење од четврток, 30 април, во 18 часот,  се до понеделник, 4 мај, во 5 часот наутро. Одлуката за овој полициски час е донесена поради празничниот продолжен викенд, со цел да да се спречат побројни групирања на граѓаните.

Во Хрватска дозволена скара на растојание

Директорот на хрватскиот Институт за јавно здравје, Крунослав Чапак, соопшти дека граѓаните ќе може да одат на првомајска скара за Денот на трудот, но со почитување на потребното физичко растојание.

„Скарата е дозволена, но на растојание. Не е дозволено групирање на повеќе од пет луѓе, а од 11 мај, ќе се дозволува и пообемно групирање од 10 луѓе“, изјави тој за „РТЛ“.

Притоа истакна дека очекува граѓаните да се придржуваат на ублажените мерки.

„Ние сме во добра ситуација, имаме и резерви во здравствениот систем. Тоа ни дава можност да ги ублажиме мерките. Се одлучивме тоа да го направиме многу внимателно. Очекуваме граѓаните да се придржуваат до ублажените мерки од првата фаза“, концизен бил Чапак.