Мајкрософт го купува ЛинкедИн

Мајкрософт најави дека ќе ја откупи најголемата мрежа за професионално вмрежување, ЛинкедИн, за 26,2 милијарди долари во готово. Ова е досега најголема зделка на компанијата, пренесува Forbes.

Мајкрософт ќе плати 196 долари за акција во готово за „професионалната социјална мрежа“, со што ќе го преземе управувањето над компанијата. Извршниот директор Џеф Винер ќе остане на својата позиција. Винер и коосновачот на ЛинкедИн, Рид Хофман, кој е управител со најголем број акции во компанијата, изјавија дека го поддржуваат откупувањето.

„Денес е момент на повторно основање за ЛинкедИн“, изјавил Хофман.

„Исто како што го променивме начинот на кој светот се поврзува со можностите, оваа врска со Мајкрософт и комбинацијата на нивниот „облак“ со мрежата на ЛинкедИн, сега нуди можност за повторно да го промениме начинот на кој функционира светот“, додал Винер.

ЛинкедИн моментално има 433 милиони членови (околу 19 проценти повеќе од минатата година) низ 200 држави.

Мајкрософт ја опиша зделката како можност да се снабдат професионалците со алатките кои им се потребни за да бидат попродуктивни. Нивна цел е и да го зголемат профитот на ЛинкедИн преку насочено рекламирање и повеќе корисници, и меѓу индивидуите и меѓу организациите.