Мадрид отвора пензионерски дом за ЛГБТ лица

Благодарение на осумгодишна кампања на еден човек, Мадрид ќе го отвори првиот пензионерски дом за ЛГБТ возрасни лица до крајот на годината. ЛГБТ активистот Федерико Арментерос верува дека ова можеби е прв јавно-финансиран центар од ваков вид во светот.

Арментерос, кој е во седумдесеттите години од животот и е геј, се залагал за отворање на ваков објект откако се почувствувал исклучен од другите корисници на пензионерскиот дом во кој претходно живеел.

„Почнаа да ме избегнуваат и да ме навредуваат. Ме нарекуваа „квир“ и се чувствував многу лошо. Мојата соба има два кревети но никој не сакаше да ја споделува со мене. Така што сум сам и лошо е“, изјавил Арментерос во интервју од 2011 година.

Тој е на чело на Фондацијата 26-ти декември, која го споделува своето име со датумот од 1978 година кога во Шпанија била декриминализирана хомосексуалноста.

„Има луѓе кои се околу 80 години и кои никогаш не ја доживеале слободата на ЛГБТ движењето бидејќи тоа не постоеше до 2005 година кога со легализирањето на истополовите бракови конечно се тргна хомосексуалноста од кривичниот законик“, изјавил Арментерос за Ла Вангардија минатиот месец.

„Нешто мора да се направи за овие луѓе да можат да ги живеат своите последни мигови со најголемо можно достоинство. Податоците покажуваат дека околу 160 илјади луѓе над 65 години во Шпанија се декларираат како ЛГБТ и сакаат да живеат „на место каде што ќе добиваат почит“.

Пензионерскиот дом ќе биде формиран во веќе постоечки објект во квартот Вилаверде во Мадрид, а ќе биде финансиран од градската власт и управуван од фондацијата на Армантерос. Ќе вдоми 66 постојни корисници и дополнителни 30 лица во дневниот центар.