„Луфтханза“ и „Виз Ер“ со нови линии од Скопје до Франкфурт, Љубљана, Салцбург, Штутгарт и Луксембург

Авиокомпаниите „Виз Ер“ и „Луфтханза“ ќе добиваат субвенции за воведување пет нови дестинации од Скопје откако беа избрани на јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот од 2023 до 2025 година.

„Виз Ер“ ќе воведе четири нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје од 1 ноември. Кон Љубљана, Салцбург, Луксембург и Штутгарт. Кон овие 4 дестинации предвидено е да има 3 лета во неделата.

„Луфтханза“, пак, од 23 април ќе лета за Франкфурт десет пати во неделата.

„Нашата заложба како Влада е да овозможиме квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните. Податоците покажуваат дека во 2022 година имаме превезено над 2,3 милиони патници преку нашите два меѓународни аеродроми. Авиопревозниците „Луфтханза“ и „Виз Ер“ ќе летаат и по неколку пати дневно. Со авиопревозникот „Луфтхаза“ преку Франкфурт, нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе земји во Европа и светот“, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната пресконференција.

На двете компании ќе им се исплати субвенција од  вкупно 5 милиони евра за тригодишна програма за 2023, 2024 и 2025 година. Авиопревозниците по завршувањето на субвенциите ќе имаат обврска да го одржат оперирањето со авиолинијата за ист период за кој добивале субвенции.

Со новите дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје ќе оперираат вкупно 46 дестинации.