[Став] Локалните младински совети – механизам за унапредување на младинското учество

Младинската политика може да ја дефинираме како меѓусекторска, интегрирана политика насочена кон младите, со младите и која произлегува од потребите на младите луѓе. Нејзината цел е да ги подобрува и унапредува животните услови и учеството на младите луѓе вклучувајќи и низ социјалните, културните и политичките прашања кои нив ги засега [Европски младински парламент] или пак поедноставно, таа претставува сет  на принципи, вредности, ставови, однесување, цели и акции кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот на младиот човек [Европски младински форум]. Таа може да се јави во различна форма, дефинирана во законски текстови или позаконски акти,  декларации, стратегии, правилици. Младинската политика е генерално имплементирана од државата и јавните институции, но се изготвува, усвојува, имплементира во соработка со младинските организации и неформално организирани групи на млади, експертската јавност, медиумите, односно заедницата во целина.

Совет на Европа дефинира услови кои се неопходни за креирање на ефективна, модерна и европски ориентирана младинска политика. Тие услови подразбираат јасно дефинирна таргет група, јасно дефинирана владина надлежност над млади, конкретна и  транспарентна стратрегија, политика заснована на знаење и факти, третирање на младите како ресурс а не проблем, промоција на младинско учество, крос секторски, интегриран пристап кон  младинска политика и меѓуминистерска соработка, посебен буџет, поставени врски меѓу локално, регионално и национално ниво ,младинска политика која е во насока на европските и меѓународните најдобри практики.

Она што е предмет на согласност е дека недостасува меѓународно прифатена дефиниција на поимот млади. Во првите меѓународни документи кои ги третираат младите, може да се сретне дефиниција од 15 до 24 години, но современите трендови се во насока на проширување и на горната и на долната граница (13-30). Во Македонија, отсуствува законска дефиниција на поимот млади, меѓутоа Националната стратегија за млади за периодот 2005-2015 година, го предвидува следното „[…] во отсуство на меѓународно призната дефиниција, под поимот млади во Република Македонија се подразбира социо-етичката категорија на население на возраст од 15-24 години […] меѓутоа […]секоја сериозна акција или програма за млади треба да ги земе предвиед и лицата од 24-30 години […]“.

Понатаму, во делот надлежност врз младински политики, во Македонија предвидена е посебна  Агенција за млади и спорт, во која секторот за млади се дефинира себеси како “сектор кои врши работи кои се однесуваат на сферите на интерес и потребите на младата популација во земјата и признавањето нa улогата нa младите вo развојот нa Република Македонија, како позитивна движечка сила и промотор нa новите вредности нa општеството и државата, придржувајќи се до Националната стратегија за млади која ги дефинира следните приоритети за дејствување на државните институции и младински здруженија на граѓани”. Имајќи во предвид дека потребите и интересите на младите не можат да се анализираат изолирано, логично е што политиките кои спаѓаат во надежност на други министерства или агенции им се повторно од интерес на младите. На пример, образовната политика која е во надлежност на Министерството за образование и телата како Биро за развој на образование, Државен испитен центар, Центар за стручно образование и обука и др. претставува прашање која е претежно од интерес за младата популација. Или пак политики врзани со младинско вработување,  за што надлежност имаат телата како Министерство за економија или Министерство за труд и социјална работа и други придружни органи и агенции.

Во Македонија, не е предвиден посебен буџет за млади.

Особено важен аспект, издвоен и како еден од предусловите според Совет на Европа, е младинското учество. Националниот младински совет на Македонија, истото го дефинира како “вклучување на младите во носење на одлуки, генерирање на предлози и идеи за подобрување на положбата на младите во општеството. Aктивното учество само по себе не подразбира само вклучување во одредена активност туку тоа е процес во кој младите ги идентификуваат своите потреби, бараат решенија, планираат и имплементираат активности и имаат можност да носат одлуки во своите заедници и општеството во целини. “

Дел од придобивките на  младите кои активно го користат правото на учество се имање на цел и очекувања за иднината, ориентација кон успех, образовни аспирации, чувство на припадност, развој на социјален капитал, здобивање со знаење и информации, вклучување во значајни активности кои нудат континуитет и разновидност. Од друга страна пак доаѓа  до израз посветеност на институциите кон давање на поддршка и работа со млади, зголемување на довербата меѓу двете страни, подобро разбирање на потребите и грижите на младиите од страна на институциите, со што се зголемува чувството на припадност кон заедницата, институциите добиваат свежи идеи и различни перспективи, се пренесува знаење итн.

Како што посочивме, младинското учество не претставува еднократна активност, туку со цел да се оствари суштинско младинско учество потребно е младите да бидат вклучени во целиот процес на градење на јавни политики: од лоцирање на проблем, осмислување на потенцијални решенија, формално учество во донесување на одлуката, спроведување на политиката, па се до мониторинг и евалуација на реализираните активности.

За да може младите да извршат значително влијание врз носителите на одлуки потребно е тие да бидат политички свесни, организирани и на располагање да им бидат механизми со кои и формално ќе можат да учествуваат во процесите на одлучување. Иако Македонија предвидува одредени механизми со кои треба да се унапреди партиципативната демократија, сепак изостануваат механизми кои се скроени имајќи ги во предвид карактеристиките на младите, нивните потреби и начин на делување. За таа цел, основање на локални младински совети како механизам за остварување на формално влијание во процесите на одлучување на локално ниво, е начин да се зголеми моќта на младите во нивните непосредни заедници.

Во процесот на креирањето на локален младински совет како процес неопходно е  да се мобилизираат младите луѓе, младинските организации и останатите форми на младинско здружување и да се работи на  јакнење на нивниот социјален капитал и трансформација на политичката култура, за да следува формално препознавање и институционално признавање од страна на локалните авторитети, но и заедничка работа за унапредување на младинските политики на локално ниво, развој на младински активизам и младинско учество во процесите на донесување на одлуки.

Младинскиот совет се разликува од другите младински организации или форми на здружување поради неговата претставничка компонента. Па така за младинските совети важи претпоставката дека тие имаат мандат или легитимитет да ги претставуваат младите во локалната заедница, кои како група  делат заеднички карактеристики и интереси. Меѓутоа за еден совет да биде претставнички тој мора да е основан и да функционира на принципите на демократско управување, инклузивност, транспарентност и отчетност. Млдинските совети неопходно е да се стремат да мобилизираат што е можно повеќе млади и форми на младинско здружување, со тоа намалувајќи го ризикот истите да бидат искористени за лични или групни интереси, кои се разликуваат од оние на младите кои би требало да ги претставуваат.

Искуствата покажуваат дека не е доволно само формално да се признае правото на учество преку воведување на механизам како локалниот младински совет. Неопходно е на истиот да му се даде простор за автономно дејствување, дури и кога тоа подразбира констуктивен институционален конфликт со останатите донесувачи на одлуки.

Да заклучиме, со основање на локалните младински совети се овозможува институционален канал за влијание и претставување, директно вклучување на младите во процесите на донесување одлуки, особено во одлучувањето за прашања од младински карактер односно прашањата од кои младите се најзасегнати, како и развивање и градење на партнерство помеѓу младите и локалните самоуправи.

Значајно да се спомене е дека легитимен и функционално оперативен локален младински совет може да претставува стабилен и моќен партнер на локалната власт во утврдување на потребите, проблемите и приоритетите на младите, но и во реализација на планови, мерки и политики. На младите им е потребна поддршка и можности да ги искажат своите ставови и идеи, а локалниот младински совет може да им ја пружи таа можност на младите и да ја влијае врз локалната самоуправа во насока на креирање на подобри и сепфатни младински политики.

Марија Мирчевска

Извор: МОФ– Советодавен сервис за млади