Лидија Димковска ќе ја отвори „Долгата ноќ на европската литература“ во Берлин

Македонската авторка Лидија Димковска е избрана од бордот на Европската конференција на писатели да ја отвори „Долгата ноќ на европската литература“ која ќе се одржи на 9 мај во националниот „Дојче театер“ во Берлин по повод Денот на Европа. Димковска ќе прочита неколку песни на македонски јазик, а преводите на германски на Александер Зицман и на англиски на Љубица Арсовска и Пеги Рид ќе се читаат и проектираат на сцената на театарот.

На читањето покрај Димковска ќе настапат и Јарослав Рудиш од Чешка, Сјон од Исланд, Паоло Џордано од Италија, Драгана Младеновиќ од Србија, Јазра Калед од Грција, Јетон Незирај од Косово, Јана Бенова од Словачка и Серхиј Жадан од Украина. На настанот ќе биде прочитан и заеднички манифест во однос на Европа и нејзината реалност.

Овој книжевен настан е во рамките на Европската конференција на писатели што по вторпат ќе се одржи од 9 до 11 мај во Академијата на уметноста во Берлин, а на која ќе учествуваат автори и професори речиси од сите европски земји кои ќе се обидат да дадат одговор на прашањето што претставува денес Европа со своите јазици, граници и имигрантски политики.