Левица: Приведен е Здравко Савески, членови на партијата викнати на разговор поради протестите

Здравко Савески, член на раководството на „Левица“ утрово е повикан на информативен разговор во Полициската станица „Пролет“, по што е приведен и ќе биде одведен пред јавен обвинител и судија во предистражна постапка, со барање за определување на мерка притвор, соопштија од партијата.

Оттаму посочуваат дека за уште тројца членови на највисоките раководни партиски органи им се стигнати покани за информативни разговори, како и дека настаните за кои тие се теретат се поврзани со масовните протести на Движењето #Протестирам и Шарената револуција, кои почнаа по срамната и противправна аболиција на Претседателот на РМ.

„Овие наши видни членови беа и ќе бидат во првите редови на протестите. За нас, ова е очајнички обид на криминалната власт да се пресмета со нашата Партија, која поради автентичноста и јасните антирежимски левичарски принципи секојдневно станува се порелевантен играч на политичката сцена, особено меѓу „неопределените“ граѓани кои во нас препознаваат реална Трета опција. Затоа, ги повикуваме и сите слободоумни граѓанки и граѓани да се приклучат кон организираниот Отпор против овој автократски режим и преку помасовно присуство на протестите заедно да се избориме за ослободувањето на нашата Република!“, се наведува во соопштението од „Левица“.