Лекари без граници: Над 1.000 загинати и 4.800 ранети за две недели во Гута

Медицинските установи, кои ги поддржува организацијата Лекари без граници, изминативе две недели примиле повеќе од 1.000 загинати и 4.800 ранети во сирискиот регион Источна Гута, која е под контрола на бунтовниците.

Во соопштението на Лекари без граници се наведува дека бројот на загинати и ранети, кој е пресметан врз основа на податоците за период од 18 февруари до 4 март, е „потценет“, бидејќи не вклучува податоци од сите медицински установи.

„Дневно слушаме се поголем очај и безнадежност, додека нашите колеги ги достигнуваат границите на она што се очекува од човек“, рече Мени Николај, генерален директор на „Лекари без граници“.

„Тие се исцрпени до точка на колапс, постојано во страв од бомбардирање или пукање директно на нивната локација. Тие се трудат најдобро што можат да го задржат нивото на медицинската услуга, но сè е против нив. Ситуацијата и постојаното прекршување на правилата на војната од страна на борбените страни, ги туркаат да го направат невозможното”, додаде тој.

Податоците за бројот на загинати на организацијата последен пат се ажурирани во неделата.

Според Лекари без граници, во текот на офанзивата на владините сили врз Источна Гута биле гранатирани или бомбардирани 15 до 20-те институции со кои соработува организацијата.