„League of Legends“, домаќинска работа и Ред Бул – животот во куќа за тренирање на е-спорт

Џош Кар-Хамерстон, 21, се нарекува себеси „мајка“ на пет возрасни мажи.

Тој и неговите таканаречени синови се „пикнати“ во речиси празен стан во предградието Пирмонт во Сиднеј, Австралија. Таму има прекрасен поглед кон јахти и плажа од балконот, но неговата група има поразличен вкус – постојано е внатре.

Кар-Хамерстон е тренер на „The Chiefs“, е-спорт тим кој во сабота ќе се натреварува на големото финале на Океанската професионална лига во „мултиплеер“ видеоиграта „League of Legends“.

Австралиската гејминг сцена е сè повеќе професионализирана. Иако се сè уште далеку од високо организираните е-спорт сцени на северна Азија и САД, земјата почнува да добива придонеси од новиот спорт.

За прв пат, „The Chiefs“ живеат и тренираат заедно во една куќа – нешто што редовно се случува во другите региони.

Во среда, апартманот е чист, но изгледа како никој да не живее во него, иако таму веќе со месеци престојуваат шест мажи. Редици компјутери и големи удобни столици за „гејмање“ се главниот мебел во дневната соба, заедно со кауч, табла и задолжителниот огромен телевизор.

Има и огромна кутија со протеини на полицата и шкафче полно со дониран Ред Бул.

За повеќето од членовите на тимот, ова е прв пат да се иселат од дома.

„Да се живее со пријателите за прв пат е вистинско искуство“, вели 22-годишниот Брајс „EGym“ Пол за Mashable. „Заедно сме 24/7, спиеме во истите соби. Малку знаеме да се изнервираме еден со друг“.

Тимот цени што живеат заедно, бидејќи тоа придонесува за тренингот. На почетокот биле населени  низ Сиднеј, Мелбурн и Канбера, па координирањето на сесии за вежбање било тешко.

Со часови играат против други тимови, секој ден.

„Имаме два блока за вежбање – играме од два до шест наутро, а потоа од седум до 11 навечер, со пауза за вечера“, објаснува Пол.

Сепак, не е сè под режим. Секој се буди во своето природно време (во превод, на пладне), а често играат и неколку соло игри пред да почне тимскиот тренинг.

„Дури и кога живеев дома, го имав сличниот режим. Малку е исцрпувачки“, признава Пол.

Иако има само 21 година, Кар-Хамерстон решил да служи како авторитетната фигура во групата. Досега не живеел надвор од својот дом, но набргу станал тимски готвач и „шеф“. „Јас сум оној кој вика и наредува да се измијат садовите“, вели.

Иако го опишува својот кулинарски репертоар како „здрав, но досаден“, со многу пилешко и ориз, Кар-Хамерстон прави домашна пица на „гејмерските вечери“.

И покрај големата љубов кон играта, „The Chiefs“ се свесни дека нивната професионална гејмерска кариера нема да трае вечно.

„Веќе сме некако стари во споредба со другите играчи на нашата сцена, а имаме само 22“, објаснува Пол.

Секако, сонуваат да играат на друг континент и да ги изберат од некоја од странските лиги.

Иако повеќето од нив го оставиле факултетот или дипломирале неодамна, заработуваат пари од играта. Добиваат финансии од „Riot Games“, на пример – играчите по 300 австралиски долари за една игра, менаџерите по 100, тимовите по 5000 заедно и тоталната награда на турнирот годинава е 64000 долари.