LakeAwake Stage – Трета бина на Д Фестивал со електронска музика

Електронската музика на годинешното издание на Д Фестивал, кој се одржува до 15 до 17 јули во Дојран, ќе биде застапена насцената „LakeAwake Stage“. Организаторите најавуваат 12 часовна програма која ќе се одвива до раните утрински часови, а третата бина е замислена и како омилениот подиум на кој посетителите заедно ќе ги дочекуваат изгрејсонцата на фестивалот.

На неа ќе настапат некои од водечките колективи од македонската електронска сцена, кои со децении ги предводат клупските забави кај нас. Чест да го стартуваат погонот на „LakeAwake“ ќе имаат „Течна Кујна“ и D2 – платформите за промоција на квалитетната драменбејс и дабстеп музика. „Течна Кујна“ е првата драменбејс радио емисија во Македонија која повеќе од 10 години се емитува на Канал 103 и заедно со промотерската и диџеј организација D2, се заслужни за голем број гостувања на странски драменбејс артисти во Македонија. Нивната програмска ноќ на LakeAwake бината ќе ја предводи лондонскиот диџеј и продуцент Big Bud и скопјаните D.Lite, Дарко Степиќ, Hypertech, Ogie, Pukka, Hansshc и Tecktone.

Своите настапи на фестивалот веќе ги потврдија Goldie, Toy Dolls, Dub Pistols, Чиста Околина, Bernays Propaganda, Дубиоза Колектив, Обојени програм, Lolligrigida и Hypnotized на главната бина, The Project Orpheus, Millko, Самостални Референти, Палиндром, Këpurdhat, Anna O, Metanoia и PaprikaPaprika на „Москито Стејџ“.