„Културата не Ви ја трпи тортурата“, протест на синдикатот во вторник

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) во вторник (26 април), во 13:30 часот, најавува мирен протест пред зградата на Министерството за култура.

Протестот, како што стои во најавата, се прави во знак на револт поради донесувањето на измените во Законот за културата, ниските плати и недонесувањето нов колективен договор за културата повеќе од една деценија. Културните работници се незадоволни и поради тоа што не се валоризираат стекнатите стручни звања со соодветна исплата, како и поради забрзаното спроведување на систематизациите во институциите од културата.

„Нагласуваме дека овој протест нема политичка тенденција, не е организиран од политичка партија, ниту има било каква поврзаност со актуелните политички случувања во Република Македонија. Овој протест е исклучиво од синдикален карактер чија цел е барања за подобри услови на вработените од културата во РМ“, стои во најавата.