Куба ќе го види првиот американски мјузикл во последните 50 години

Фер е да се каже дека Хавана нема видено нешто вакво. Вечерта пред католичкиот Божиќ, новата продукција на „Рент“ – мјузикл кој е огромен хит, добитник на Пулицерова и Тони награда и е приказна за трансвеститите, бездомниците, хомосексуалноста и СИДА-та во Алфабет Сити, Њујорк – ќе доживее премиера во Бертолт Брехт театарот во Хавана. Таму ќе биде поставена во следните 3 месеци.

Кубанската публика која „успеа да преживее“ половина век без Кока кола, Симпсонови, Опра Винфри и „Биг Мек“ сендвичи, благодарение на ембаргото кон САД кое трае со декади, ќе се соочи со американски „извозен продукт“-  мјузикл со многу пеење и танцување. Ова е прв пат бродвејско шоу да се емитува во Хавана во последните 50 години.

„Ова беше искуство низ кое учевме“, признава Роберт Недерландер, основачот на Nederlander Worldwide Entertainment, фондација која го носи шоуто во Хавана.

Овој уникатен проект започнал пред 3 години кога Министерството за култура на Куба го поканиле NWЕ да „истражат што се случува во Хавана на креативен план“. Недерландер одговорил со тоа што ја донел претставата „Бродвејски амбасадори“ на четиринаесеттиот годишен театарски фестивал на Хавана, а реакцијата била толку позитивна што ги охрабрила да се вратат со поамбициозен и поризичен проект.

„Сакавме да донесеме бродвејско шоу кое е поавтентично и да им дозволиме на кубански актери да го интерпретираат на нивниот мајчин јазик“, вели тој.

„Баравме современа приказна, што ќе ја привлече помладата кубанска публика“.

Иако хомосексуалноста е легална во Куба од 1979 година и земјата напредува на планот на правата на ЛГБТ заедницата, истополовиот брак и граѓанските заедници се сѐ уште далеку од остварливи. Јавните изразувања на привлечност помеѓу лицата од ист пол се поздравуваат со вртење на главата и довикување невкусни навреди, а хомофобијата е „мамурлак“ кој го носат уште од послереволуционерните години кога хомосексуалците биле праќани во работни кампови.

Зошто тогаш да ја донесат „Рент“ во Хавана?

„Кубанскиот национален совет не искажа никакви грижи во однос на тематиката на претставата“, вели Недерландер. „Им покажавме DVD од бродвејската продукција и немаа ниту една причина да не одбијат“.

Место тоа, сметаат дека поголем проблем е фактот дека новите актери на шоуто, родени Кубанци, не се запознаени со културата на Бродвеј и таквиот тип на мјузикли.

„Предизвик е да се работи со исклучително креативни актери кои никогаш не работеле на ваков проект порано. Но нивната страст и талент се неверојатни. Сите потребни состојки се овде“, признава Недерландер.

Сепак, само одговорот на Куба може да диктира дали „Рент“ во Хавана ќе биде успех или фијаско. Влезниците сѐ уште не се пуштени во продажба, а цената ќе им биде симболична.

„Целта на овој погод не е комерцијална. Станува збор само за културниот придонес кој ќе го оставиме во оваа земја“, вели Недерландер.