КСЗПМЗ: Дискриминација кон лице во Здравствениот дом Куманово

По поднесената претставка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (КСЗПМЗ), Комисијата за заштита од дискриминација, утврди дискриминација од Здравствениот дом Куманово, кон лице врз основа на здравствена состојба и припадност на маргинализирана група, велат од Коалицијата.

„Станува збор за дискриминација врз лице кое се лекува со метадонска терапија, на кое, од ЈЗУ Здравствен дом Куманово, не му било овозможено да добие лекарско уверение за полагање на возачки испит категорија Б. Оваа установа, без почитување на претходно утврдената процедура, усно одбила да го услужи лицето претпоставувајќи дека инјектира дрога, како генерален заклучок врз основа на препишаната терапија за хепатит Ц, без притоа да се информира за неговата состојба“, соопштува КСЗПМЗ.

Лицето, за кое станува збор, велат од Коалоцијата, е на метадонски третман од мај 2000 година, редовно и дисциплинирано ја зема терапијата, работи и вложува во своето образование и реинтеграција во општеството.

„Според мислењето на Д-р Дарко Костовски, психијатар од одделението за психијатрија на Градската општа болница ‘8-ми септември’, како и според правилниците и препораките, оние лица кои се стабилни на редовен метадонски третман, можат непречено да управуваат со моторно возило и земјоделски машини. Опасноста постои доколку терапијата не се зема редовно, а таквата опасност е исклучена во горенаведениот случај“, потенцираат од Коалиција.

Од таму го посочуваат мислењето на Антидискриминаторска комисија, во кое стои дека „ова е облик  на директна дискриминација затоа што оние лица кои не се носители на хепатит Ц вирусот, можат да ја добијат оваа услуга т.е комплетен лекарски преглед и констатирање во лекарското уверение за способност или неспособност за управување на моторно возило“.

Од Коалицијата СЗПМЗ потенцираат дека кај нив редовно пристигнуваат случаи каде лицата кои употребуваат дрога се предмет на стигматизација и дискриминација во здравството.

„Од здравствените работници се очекуваа да знаат дека луѓето на метадонска терапија слободно можат да управуваат со моторни возила доколку редовно примаат правилно администрирана терапија. Здравствениот систем треба да помага при лекувањето и ресоцијализацијата на луѓето кои се лекуваат од опијатна зависност, а не да биде првата пречка со која се соочуваат во процесот на реинтеграција“, вели Драгана Дрндаревска, правна советничка во Коалицијата СЗПМЗ.