Кривична пријава за објавените списоци со податоци од кумановци заболени од Ковид-19

Агенцијата за заштита на личните податоци поднесе кривична пријава против непознат сторител откако изминатиов период на социјалните медиуми беа објавени фотографии со списоци со лични податоци на лица од Куманово заболени од коронавирусот Ковид-19 на кои беа наведени имињата, презимињата, адресите и матичните броеви на лицата.

Од Агенцијата напоменуваат дека согласно Законот за заштита на личните податоци, забранета е обработката на податоци што се однесуваат на здравјето и таа може да се врши само во строго утврдени исклучоци, согласно закон.

„Ваквата обработка на личните податоци вклучително и фотографирање на списоци со лични податоци на лица кои се инфицирани со корона вирусот или, пак, се во домашна изолација или во државен карантин, како и нивно објавување и какво било друго споделување без законска основа, претставува прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци, како и дека ваквиот начин на обработка на личните податоци претставува кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“ од член 149 од Кривичниот законик за што е пропишана парична казна или казна затвор“, се укажува во соопштението.

„Агенцијата за заштита на личните податоци нагласува дека исклучоците за обработка на овие податоци утврдени со закон, не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација, па оттука секое објавување и споделување на лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од корона вирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон“, додаваат од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Агенцијата претходно објави и препораки за заштитата на личните податоци во периодот на епидемијата со коронавирусот. Повеќе детали можете да прочитате на следниов ЛИНК.