Критична маса во Прилеп: Подобро на -5 степени #НаТочак, отколку на 1611 микрограми со кола

Прилеп е загаден. Во зима најмногу до израз доаѓа загадувањето на воздухот, но Прилеп е загаден град и по други основи. Загаден е од бучава, загаден му е јавниот простор, загаден е од небезбеден сообраќај, загаден е од лоши граѓански навики, но загадено е и од лоши загадувањето е предизвикано од начинот на греење на домовите, индустријата или сообраќајот. Без јасни политики секој си го брани своето загадување и во крајна сметка никој не превзема ништо, соопштува иницијативата ПрилепНаТочак, која денес организира нова велосипедска Критична маса.

Велосипедскиот настан ќе започне од 17:30 часот на традиционално место – споменикот „Александар Македонски“.

Од иницијативата потенцираат дека иако според последните истражувања сообраќајот не е најголемиот загадувач на воздухот, тоа воопшто не значи дека не е голем загадувач.

„Ако сообраќајот директно учествува со 20% во вкупното загадување со PM честички и ако во најазгадените денови загадувањето стигнува до 500 µg/m3, тогаш дури и магично да се ослободиме ЦЕЛОСНО од сите останати загадувачи (греењето на домовите, индустријата, градежните активности), ќе останеме со повеќе од 100 µg/m3 од сообраќајот, што е дури 2 пати повеќе од максимално дозволената граница од 50 µg/m3“, велат од иницијативата.

Понатаму, велат тие, заглавени сме во бесконечните желби како да направиме град со поодржлив сообраќај, а како притоа да не се скрати ништо од автомобилите.

„Невозможно!Заглавени ме и во илузијата дека електричните или автомобилите на понезагадувачки погон ќе не спасат од проблемите во сообраќајот. Дека технологијата ќе ни ги реши проблемите сама по себе, без да мора да донесеме радикални политички одлуки. Ни треба проветрување! Признавање дека мора да се преземат паралелно силни и радикални мерки на сите полиња, кај сите загадувачи, а не еден по еден. Време е за транспортна чистка!“, соопштува иницијативата.

Меѓу другото, ПрилепНаТочак бара да се прочисти воздухот преку краткорочни и долгорочни мерки и во сообраќајот (покрај во индустрија, греењето, градежна и улична прашина), да се прочисти градот од возила кои многу загадуваат, но и од премногу возила, а овие патувања да бидат заменети со други начини на транспорт (јавен транспорт, точаци и пешачење).

Исто така, да се прочистат и политикита од застарени автоцентрични модели, според кои, велат тие, треба да се обезбеди голема комоција за движењето и паркирањето со автомобил, наместо таа да се намали, а да се зголеми на другите начини на превоз.

„Да се прочистат политиките од надминати парадигми. Генералните планови според кои Прилеп се гради се застарени. Тоа се концепти на урбанистичко планирање кои биле современи пред 50-60 години каде се планирани големи сообраќајници за голем број возила. Во денешните современи концепти на урбанистичко планирање се размислува за намалување на капацитетот за коли, а зголемување за другите начини на превоз“, вели иницијативата.

Понатаму, велосипедистите бараат да се прочистат тротоарите и јавниот простор од окупацијата од автомобилите и да се прочисти Прилеп и од звучно загадување, од бучавата од транспортот, но, истовремено, прилепчани да ги прочистат и сопствените навики.