Критична маса утре во Скопје и Прилеп

Со почеток во 17:30 часот, утре велосипедистите  низ Скопје и Прилеп ќе возат нова Критична маса.

Во Скопје настанот се одржува по 36 пат, овојпат под мотото „Скопје ние сме спремни, а ти?“. Зборното место е паркингот кај Рамстор, а ќе се вози по следната РУТА.

„Скопје врие од точаци, граѓаните избираат педали. Граду, како ќе ја дочекаш навалата на точаци што незапирливо расте? Гостите дојдоа, но каде планираш да ги пречекаш драгите точакољупци?

Не прифаќаме изговори за неангажирање за промена. Скопје, потребна е одговорност, храброст и визија. Ја бараме велосипедската инфраструктура која ја заслужуваме! Зарем нема да бидеш и ти Скопје посреќно така?“, посочуваат скопските велосипедисти.

Тие бараат да се изврши целосна ревитализација на велосипедските патеки во период од 1 година, нови и подобри решенија, дуплирање на километражата на патеките, воведување на зони 30, велосипедски патеки со зеленило, итно решавање на проблемот со паркирани возила.

Како дел од решението сметаат дека треба најитно да се донесе правилникот за велосипедските патеки, да се направат јавни дебати, да се повикаат професионалци.

Во Прилеп пак утре се вози 11-тата Критична маса која е посветена на проблемот со прилепските велосипедски патеки.

„#ПрилепНаТочак со оваа критична маса сака да го привлече вниманието кон проблемот со велосипедските патеки во Прилеп, односно во Прилеп речиси и да не постојат велосипедски патеки, а оние малкуте што постојат воопшто не се означени со хоризонтална и вертикална сигнализација.
Затоа на оваа Критична Маса гласно го поставуваме прашањето: Што е со велосипедските патеки?“, велат прилепчани.

Зборно место е споменикот „Александар Македонски“, а ќе се вози по оваа РУТА.