Критична маса #77: Безбедни зони околу школите

„Зона школо“ е зона во непосредна околина на школите во која е голема веројатноста да се појават мали човечиња. Децата се ниски, а со тоа помалку видливи и имаат непредвидливо движење. Тоа не значи дека треба да загинат од сообраќај. Имаат право да живеат и безбедно да стигнат до училиште и да се вратат дома, дури и самостојно, вели велосипедската иницијатива НаТочак, која оваа среда ја најавува новата, 77-ма Критична маса.

Велосипедскиот настан започнува од 17:30 часот од плоштадот Македонија, под мотото „Безбедни зони околу школите“.

Според НаТочак, неопходно е споро движење на моторни возила во овие зони, за да може навреме да реагира возачот или пак повредите да не бидат големи при евентуален несакан удар.

„Затоа, речиси во целиот свет зоните околу школите имаат посебен третман: имаат помали брзински ограничувања (30, 20 или дури и 10 km/h), имаат физички мерки за смирување на сообраќајот, се користат посебни знаци. Во некои држави, казните за брзина на возење над ограничувањето, за паркирање на пешачка патека, за двојно паркирање или недозволено запирање, во околината на школите се и двојно поголеми во споредба со казните на друго место. Има градови каде во утринските и попладневните часови кога децата почнуваат на училиште и кога завршуваат, полициски или цивилни лица со соодветни ознаки го регулираат сообраќајот околу школите. Има градови и каде моторниот сообраќај на улицата пред влезот во тие часови е целосно забранет“, соопштува иницијативава.

Пред школото, велат тие, се очекува сите деца без оглед како патуваат од дома/до дома, првиот дел од патувањето секако да го направат пеш: сите мора да се појават на влезот, на тротоарот, на улицата пред школото, па да го продолжат патувањето пеш, со точак, со кола, со автобус. Затоа оваа зона како најосетлива има посебен третман.

„Во нашата регулатива постои термин ‘Зона на смирен сообраќај’ како можност, но начинот на нејзиното спроведување ретко се случува и со сообраќаен знак, а камоли со физички мерки на смирување. Во 2015-та на пример, беше воведена т.н. Зона 30 во Дебар Маало, но не видовме на терен ни една мерка која што ќе обезбеди движење со брзини под 30 km/h како што налага зоната. Напротив, по дел од улиците сè уште се вози многу брзо, пристапуваат тешки товарни возила итн. Што воопшто не одговара на карактерот на една ‘зона на смирен сообраќај’. Исто така не е битно само влезот на школото да биде обезбеден. За основни школи потребни се и БЕЗБЕДНИ ПАТЕКИ до школото“, потенцираат од НаТочак.

Вело-активистите, меѓу друготото, дополнуваат дека се радуваат на секое точаче плус заклучено во школските дворови, се радуваат на секое дете кое испешачило од дома до школо и се сретнало со цел еден свет.

„И сакаме секое од тие деца да имаат шанса да пораснат и да не бидат невини жртви на агресивен, несериозно третиран сообраќај од страна на институциите. Бројот на деца жртви во сообраќајот е пропорционален со степенот на системска неодговорност, а безбедноста со преземањето системска одговорност. Да не слушаме веќе за нови жртви деца. Возиме за нула жртви во сообраќајот. Возиме за безбедни зони околу школите!“, соопштува НаТочак.

Рутата за Критичната маса може да се види ТУКА.