Критична маса #32 Битола: Избери точак, крајно време е да се решат проблемите во транспортот

Небезбедноста во сообраќајот и се поголемиот број на жртви, метежот и несоодветните јавни простори, но и здравствените проблеми кои се јавуваат како последица од загадувањето и недостатокот од физичка активност, се дел од проблемите на кои конечно треба да им се стави крај, сметаат од граѓанската иницијатива На Точак во Битола.

Тие, како и многу други иницијативи и организации, се вклучуваат со свој предлози кои се надеваат дека идните пратеници ќе ги прифатат.

„Со серија мерки за развој и унапредување на урбаниот велосипедизам во градовите ќе се привлечат поголем број граѓани на велосипед во сообраќајот. Со тоа значително би се решиле голем дел од проблемите со кои се соочуваме како општество: ќе се намали загадувањето, ќе се подобри јавното здравје и ќе се решат некои од најголемите градски проблеми поврзани со сообраќајниот метеж. Притоа ќе се заштедат средства од буџетите на општините, како и буџетите на министерствата за здравство и животна средина“, велат од иницијативата.

Оттаму посочуваат дека е крајно време сериозно да му се пристапи на проблемот и урбаниот велосипедизам да се стави примарно во категорија транспорт, а дури потоа во спорт, рекреација или туризам.

„Подготвуваме документ со предлог-мерки кои очекуваме политичките партии со голема сериозност да ги проучат и искористат во своите програми“, информираат од На Точак, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на новата, 32 по ред, Критична маса, на која ќе се разгледаат и продискутираат нивните предлози. 

Таа е закажана за четврток (24 ноември), на плоштад Магнолија, со почеток во 18 часот.

„Помеѓу една и четири и пол години (зависи во кој град колку) активно ги актуелизираме проблемите и решенијата. Нашата кампања не е 20 дена, туку три години во Битола. Затоа, сметаме дека сме повикани да проговориме подетално за оваа тема и да понудиме наша ‘програма’ која политичките партии ќе је разгледаат и искористат. Будни сме, ќе следиме! Бираме точак за секој ден, но и бираме со точакот!“, порачуваат од иницијативата.