Критична маса #17 во Прилеп: За поголеми и еднакви права на точак

По 17-ти пат велосипедистите од Прилеп ќе излезат на улица за да укажат на проблемите кои ги имаат додека возат низ градот. Критична маса #17 ќе се одржи последната среда од месецов, на 28 октомври. Зборно место е споменикот „Александар Македонски“, во 18:30 часот.

Прилеп На Точак е градска иницијатива која има за цел подигање на јавната свест на љубителите на велосипедизмот, возачи, пешаците, децата, родителите, јавните институции и сите други во Прилеп за користењето на точакот како урбано, модерно и еколошко превозно средство. Градот во последните неколку години доживува велосипедско-точкарска револуција, а секој ден голем број на граѓани одат до работа, се рекреираат, пазарат намирници итн. со својот точак. Сепак, како што посочуваат од Прилеп на точак, безбедноста е битен елемент и е крајно време да се преземат мерки кои сериозно ќе се разликуваат од досегашните политики во безбедноста и сообраќајот.

„Носечка идеја да не биде веќе брзото поминување на возилата, туку заштитувањето на човековиот живот. Немаме животи за губење! Никој не заслужува да го изгуби животот на таков свиреп начин. Идејата за сообраќајни решенија и акции на полицијата кои ќе го заштитат човековиот живот е во склад со идејата за подобрување на мобилноста на пешаците и велосипедистите. Само во град каде има високо чувство на безбедност во сообраќајот може да се унапредуваат овие здрави начини на транспорт. Да се грижиме едни за други.
Пешачењето и користењето на велосипед како превозно средство мора да се унапредуваат како начини на превоз и овие ранливи групи мора да бидат заштитени со соодветни политики. Место да нè уплашат, немилите настани во кои живото го губат пешаци и велосипедисти, овие настани треба да нè поттикнат да делуваме и како велосипедска заедница и како загрижени родители, граѓани и како надлежни. Изгубените животи не можеме да ги вратиме, но можеме да го следиме примерот на Холандија која не е само добра за возење велосипед, туку е една од трите најбезбедни држави од аспект на сообраќај во светот“, посочуваат прилепските велосипедисти.

ПрилепНаТочак вчера испрати забелешки до општина Прилеп во врска со донесувањето на измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план. Нивното барање е при планирањето на примарната и секундарната улична мрежа на сите попречни профили на улиците да се предвидат велосипедски патеки. Истовремено преку онлајн анкета работат истражување за вело културата во градот, со цел да се постават почетни индикатори кои ќе се следат во идниот период за утврдување на динамиката на трендовите во ова поле.

Истражувањето ќе биде отворено до крајот на октомври, а резултатите ќе бидат споделени во ноември. Анкетат може да се пополни ОВДЕ.