Коронавирусот негативно влијае врз системите и демократијата во Европа, покажа студија спроведена во осум земји

Забрана за ноќно движење, работа од дома, затворени училишта и градинки – коронавирусот го промени нашето секојдневие. Дури со пристигнувањето на вакцините, полека се наѕира враќањето во нормалниот живот. Но, кои ќе бидат долгорочните последици, особено за политиката?

Германската фондација „Амадеу Антонио“, британската добротворна организација „Надеж“ и шведската фондација „Експо“ спроведоа истражување во осум земји во Европа во однос на политичките ставови на луѓето. Резултатите покажуваат дека предрасудите растат насекаде во Европа, дека се шират теории на заговор, но и дека довербата во политичкиот систем опаѓа, јавува „Дојче Веле“.

Мнозинството Французи, Италијанци, Полјаци и Унгарци веруваат дека политичкиот систем во нивните земји е целосно или барем делумно пропаднат. Во Германија и Шведска, третина од луѓето имаат таков став.

Предрасудите против мигрантите, муслиманите и други групи на население исто така растат. Во сите земји, околу една третина од испитаниците имаат негативна или многу негативна слика за мигрантите. Ваквото мислење во Унгарија пак, го делат дури 60 отсто од испитаниците.

Политичката десница се обидува да ја искористи таквата ситуација, вели Џо Молхол од британската организација „Надеж“.

„И покрај тоа што европската десница не успеа да ја искористи пандемијата како што очекуваше, таа успеа да воведе нова ера на теории на заговор. Многу луѓе бараат утеха во едноставните и поедноставените објаснувања за светот кој наводно е надвор од контрола“, рече Молхол.

Во последните месеци низ цела Европа се одржуваа протести поради карантините и против политичките елити, и секаде, протестите беа придружени со теории на заговор.

Антисемитското движење „QAnon“ се прелеа од САД во Европа, а особено во Германија и Велика Британија. Апсудрните тези за светската трговија со деца и холивудски ѕвезди, политичките елити и Евреите кои го контролираат јавното мислење се успешно поврзани со воспоставената антисемитска омраза.

Авторите на студијата сметаат дека тоа е опасно, затоа што тие предрасуди може да опстанат и по пандемијата.