Контроверзни теми во училница – Да се избегнат или дискутираат?

Наставничката Васка Пандова и нејзините ученици од деветто одделение во основното училиште „Ванчо Китанов“ во Пехчево разговараат отворено за менталното здравје. Поттикната од недоволното знаење кое го има меѓу младите на оваа тема, наставничката решила да им ја доближи преку отворена дискусија и предавање со училишниот психолог.

Пандова е инаку наставничка по германски јазик, но таа се вклучи во група од вкупно 30 наставници од целата држава кои летово следеа обуки од Институтот за човекови права за тоа како да воведуваат и работат со контроверзни теми за време на часовите. Темата која таа ја вовела побудил интерес кај учениците.

„Мислам дека досега можеби се спомнувало, но најверојатно сме го избегнувале или не се раширила дискусија. Можеби ни фалеле методи, техники за работа за да можеме да спроведеме, навистина да има резултат на крајот од ваков час“, истакна наставничката.

Сепак, признава дека уште една контроверзна тема која ја има во нивниот крај е и иселувањето на младите, која ја разработувале преку истакнување на позитивни и негативни страни на местото на живеење.

Под контроверзни теми се мисли на теми кои предизвикуваат силни чувства кај тие што ја зборуваат таа тема како на пример легализирање на дроги, градење на црква или џамија, сексуално образование. Поточно, се што го има во општеството. Присутно е, но е табу тема и можеби е потешко да се зборува. Тие теми посебно доаѓаат до израз во поделени општества како Северна Македонија, забележува Иван Јованов, извршен директор на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој.

Тие во соработка со Институтот денеска одржаа панел дискусија и промоција на прирачник за предавање на контроверзни прашања во формалното образование.

Јованов е задоволен од одзивот на наставниците кои се вклучија во проектот што опфати 15 наставници од основно и 15 професори од средно образование. Наставниците споделуваат дека на децата најинтересни теми за дискусија им се сексуалното образование, дигитализацијата на учебниците, смртната казна, како и легализирање на опојни дроги.

„Се гледа дека на наставниците им е потребна едукација за како пред сè да пристапат кон предавање на контроверзни теми, затоа што предавањето на контроверзни теми не е само да ја знаеш материјата во којашто предаваш, туку претпоставува и пристапи кои се базираат на фасилитација, емпатија, контролирање на дискусија, вадење на поенти и заклучоци. Тука е нештото што треба да се подобри во нашиот систем“, смета тој.

Наставниците имале простор да си создадат урнек по кој ќе ја предаваат контроверзната тема по избор и начинот на кој ќе го водат часот.

Според Иванов од ЛЕАД, ова не треба да остане само на ниво на проект, бидејќи како што посочи, невладините организации немаат моќ да направат институционална промена. Тој истакна дека надлежните институции како Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието треба да препознаат дека контроверзните теми треба да бидат дел од формалното образование.

„Имаме неколку примери од европските држави, како Англија и Велс кои имаат посебна програма која е задолжителна од 8 одделение до трета и четврта година. Германија во сите сојузни држави има програма за Граѓанско образование каде конкретно се дискутираат концентрациони логори, но е факултативна. А, кај нас за жал ваквите контроверзни теми се малку опфатени во програмите. Најчесто се опфатени преку предметите Граѓанско образование, Етика, Социологија и можеби програмата за животни вештини која има само еден час неделно кој не се реализира до крај како што треба“, рече Јованов.

Курсот за наставниците е достапен онлајн на веб-страницата на Институтот за човекови права и може да го користи секој. Неговата претседателка Маргарита Цаци Николовска се надева дека наставниците ќе продолжат да го користат и понатаму.

„Самото име, контроверзни прашања покажува дека постои нешто што може да доведе проблем и кај учениците, да го постават тоа прашање, а и кај наставниците да го одговорат“, забележа Николовска.

Според неа, потребно е големо познавање во однос комуникација и контакти со деца.

„Демократијата без контроверзни теми, без можност да се одговараат прашања, без можност да се разговараат, а не да се избегнуваат, или некој да се казнува поради поставување на таквите прашања, секако дека не оди во насока на остварување на човековите права, на промовирање на човековите права“, додава Николовска.

Прирачникот е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на преку 15 јазици во Европа. Македонската верзија на прирачникот е бесплатно достапна и може да се преземе од веб страната на LEAD на следниот ЛИНК, додека албанската верзија може да се преземе на следниот ЛИНК.

Е.П.