Контролорите на ЈСП имаат право да легимитираат патник без билет, но не и да го задржуваат

Кога патник ќе влезе во еден од државните градски автобуси во Скопје, а со себе нема билет, тогаш свесно прави прекршок, вели портпаролот на ЈСП, Костадин Тасевски за Радио МОФ. За овој патник, како што рече тој, следува дополнителен билет кој може да се плати на лице место, или во рок од 8 дена на трансакциска сметка на ЈСП.

Сепак, кога станува збор за возењето без билет, или како што народски се кажува, „шверцањето“, постојат многу информации за кои граѓаните не се сигурни, или не ги знаат, како на пример, кои се нивните права во вакви случаи, а кои се обврските на контролорите.

„Должност на секој патник кој ги користи услугите на ЈСП СКОПЈЕ кога влегува во автобус е да поседува валиден билет и да се придржува кон правилата и прописите“, вели Тасевски, кој додава дека патникот кој поседува билет, всушност поседува договор за превоз со давателот на услуги.

Во скопските автобуси, кога контрола ќе затекне патник без билет, се случува да му побараат лични податоци или да побараат од возачот да се затворат вратите на автобусот за патникот да не може да избега.

На прашањето колку ова е законски, Тасевски кусо одговори:

„Контролорот има право да бара лични податоци од страна на патниците и истото е овозможено во член 88 став 10 од Законот за превоз во патниот сообраќај и гласи ‘Инспекторот за патен сообраќај и контролорите имаат овластување за да го застанат патникот во возилото и да извршат утврдување на неговиот идентитет’“, информира тој.

Но, тој не прецизираше дали затворањето врати и задржувањето на патникот додека не дојде полицијата е дозволено, иако рече дека контролорот може да побара помош и од Министерството за внатрешни работа и Царинската управа на Република Македонија.

Според Александра Богдановска од Коалицијата „Сите за правично судење“, контролорот има право да побара податоци од лицето кое е затекнато без билет, но недозволиво е затворање на врати од страна на возачот за да се спречи патникот да излезе, бидејќи со тоа како што вели, се ограничува основното право на слободно движење.

„Член 24  ст.1  т.3 од Законот за инспекциски надзор дава овластување на инспекторите да проверуваат идентификациски документи на лица поради потврдување на нивниот идентитет“, вели Богдановска.

Таа го наведе и член 90 од Законот за прекршоци, кој вели дека патникот кој ќе направи прекршок мора да каже: име и презиме, прекар, неговиот матичен број, бројот на трaнсакционата сметка и банката, место и датум на раѓање, место на живеење, улица и број, адреса на привременото престојувалиште занимање, и државјанство. Во случај патникот да е странец, тогаш наместо ЕМБГ, се приложува број на патната исправа.

Но, Богдановскa забележува дека не е објаснета понатамошната постапка, односно што ако патникот не ги даде своите лични податоци.  Па затоа, вели таа, законот се остава на слободно толкување.

Кога ова би се случило на пример во некој од градските автобуси во Белград, патникот има право да ја тужи компанијата.

„Заблуда е контролорите да имаат право да го задржуваат патникот на кој било начин додека не дојде Комуналната полиција. Само судот или полицијата смее да ве задржи, па затоа сите случаи во кои контролорите ги задржуваат патниците или ги затвораат автобусите можат да заврша со тужба на сметка на ‘Бус плус’. Контролорите немаат право да ве легитимираат, бидејќи тоа може да го направи само полицаец или комунален полицаец“, велат од српското Здружение за бесплатна правна помош „Ваш адвокат“ за 24sata.rs.

Од ЈСП, пак, на ова прашање велат дека основно право на секој граѓанин е слободата на изразување на своето мислење како и поднесувањето на тужба по различен основ до ЈСП Скопје.

Сепак, низ годините се случувало патник да се пожали за односот на контролорот кон него. Па така, во 2005 година, ученик од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ се пожалил дека контролорот вршејќи проверка го обвинил дека се возел „шверц“, бидејќи билетот не бил прописно поништен, одбивајќи да ги слушне неговите аргументи дека картичката неколку станици „порано“ рачно ја поништил возачот, поради дефект на поништувачот.

Овој контролор доби казна во наредните три месеци да добива 10 отсто пониска плата, а патникот си го доби својот билет назад.

Кога станува збор за искуството во странските држави, студентка од Скопје, која веќе некое време престојува во Шведска, вели дека тамошните контролори се пријатни и културни, што е спротивно од она што го доживеала овде.

„Картичката на надополнување ми истекла без да знам,  културно ми ги објаснија сите други опции, за да знам за друг пат. Ми објаснија и каде најблиску да ја надополнам и ми посакаа пријатен ден“, ни објасни таа.

Со цел да се намали бројот на патници кои не плаќаат за превозот, од ЈСП пред речиси две години ги зголемија паричните казни. Па така, за оние кои се фатени како се возат без карта следува казна од 1000 денари. Во случај патникот да одбива да го плати дополнителниот билет, наплатата се спроведува со извршител во износ од 50 евра.

Е.П.